„Мојот стаж во МВР заврши“, соопшти на Фејсбук поранешната полициска службеничка Јасмина Ангелеска, позната во јавноста како полицајката која „се удри во пајакот“ кој кај ТЦ „Мавровка“ го креваше непрописно паркираниот автомобил на функционерот на ДУИ – Бекир Османи. Ангелеска, воедно, сподели и фотографија во униформа, за која вели дека многу ја сакала и која ја носела 18 години.
Во својот пост, Ангелеска ги објаснува своите причини за незадоволство од времето поминато во МВР, со силни критики кон самото министерство, системот, старешините.
„Јас повеќе не се пронаоѓав таму. Ми нанесоа неправди, зошто така се чуствуваа дека треба старешини во МВР (очигледно на некого не сум му се насмеала), а не зошто јас придонесов со моето работење. Тие старешини за мене ќе останат партиски послушници кои се на позициите пред сѐ за личен интерес, а и за пред луѓе, комшии, пријатели, да си ги излечат комплексите кои им се на високо ниво. Да не навлегувам околу Нив, ќе треба многу да се пишува, има Господ за Нив, нема да ги заборави, што кројат туѓи судбини само за покажување на моќ, а не се свесни колку се немоќни, мизерни, неспособни, неписмени, неподобни. Со години покажуваат сила врз работниците и професионалците, на штета на МВР, а како што пишав – хранејќи си го гладното, мизерно его.
А во МВР е хаос во секој поглед и во секој сектор од повисоките кругови. За жал, и тие некои што сакавме да работиме не ни дозволија, секоја наша постапка законска и секој успех беше дали ќе ми се одрази во кариерата или во најмала рака дали ќе ме пратат на дисциплинска каде повеќе од виш инспектор не седнал таму, зошто другите не грешат, ‘писмени се’? А и тие на таа дисциплинска се началници и старешини, судот на МВР. Кога ќе видиш, истиот те тужи, истиот ти суди.
Тој систем повеќе не можам да го поднесам, каде што дојде време на криминалците и лигушите-со исклучок на малкуте. Не е голема работа дека јас сум си заминала, сѐ ќе биде исто и без мене, сѐ ќе функционира како и да не сум работела никогаш таму, ама друго ме плаши – самото незадоволство од сите вработени во министерството кои вложуваат, постапуваат, работат и ги казнуваат или пред нив се случуваат неправди благодарение на политиката и системот во државата и незадоволството, недовербата на граѓаните од полицијата“, пишува Ангелеска.
Во последниот пасус, таа алудира дека среќата, како и многу други, ќе си ја бара надвор од Македонија:
„Дојде ред да си заминеш од онаму каде сѐ ти е познато, каде се твоите намили, каде си стварал, каде си се родил, за да одиш некаде само затоа што трудот и работата се гледа и цени.
На сите колеги им посакувам успешна кариера и многу од нив ќе ми недостасуваат. Господ да е секогаш и секаде со вас и да ве штити, па се гледаме во подобри времиња.
Знам голем е текстот, ама ова е во кратки црти, можам уште многу да пишувам“, порачува поранешната службеничка во МВР.
За потсетување, „пајакот“ никогаш не одговараше за нападот врз Ангелеска (тогаш Јаначкова), затоа што Обвинителството не најде докази дека била нападната, а притоа констатираше и дека не постоела сериозна и остварлива закана кон неа, ниту пак физички контакт за Бекири да биде гонет за физички напад. Асани кон Ангелеска упатил само навреди и вулгарности со цел да ја омаловажи, заклучи тогаш надлежниот обвинител, па против Асани беше поведена само прекршочна постапка за нарушување на јавниот ред и мир и му беше одредена глоба во износ од 600 до 800 евра.