Упс! Бугарските националисти ги присвоија македонските актери Владо Јовановски и Николина Кујача (ФОТО)

Национализмот неретко знае да е чудна состојба на умот која ве тера автоматски да се лепите за аргументи што мислите дека ви одат во прилог, а слепилото што оди во пакет не ви дозволува, на пример, истите прво да ги проверите.

„Офф.нет“ откри еден таков пример на социјалните мрежи од соседна Бугарија. „А вие за Гоце се чудите“, коментира порталот.

Имено, „Традиционален бугарски пар! Маж и жена“ проследено со бугарско знаменце – пишува во постот објавен пред неколку дена на Фејсбук страната „Български национализъм“, во кој е споделена фотографија која ќе ѝ изгледа мошне познато на македонската публика. Тоа е затоа што, како што посочува и „Офф.нет“, на неа се ликовите на познатите македонски актери Владо Јовановски и Николина Кујача, а фотографијата е од култниот филм „Прашина“ на исто така (за беља) светски познатиот македонски режисер Милчо Манчевски.

Е сега, некои со право ќе посочат дека можеби не се работи за грешка, туку за свесна провокација, на линија со бугарската официјална позиција дека Македонците се одродени Бугари. Меѓутоа, ако сега го побарате, постот нема да успеете да го најдете, што сугерира дека оној што го споделил брзо се покајал па го избришал…

- Реклама -