Груби: Во моментов нема законска можност за отпуштање на „рамковните“, дури и ако одбијат да работат

Над 1.300-те административци „вработени според Рамковниот договор“, кои земаат плата без да одат на работа, не можат да бидат отпуштени, односно да им бидат раскинати договорите, дури и ако одбијат навистина да работат во некоја од институциите. Во моментов нема законска можност за такво нешто, вели првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците.

„Нема законска можност за тоа да се реализира, за жал. Во некои од институциите самите вработени не сакаат да одат, во некои други случаи институциите не ги прифаќаат затоа што би преферирале нови вработувања“, вели Груби, според кого е неблагодарно да се прогнозираат рокови за работно ангажирање на овие луѓе, бидејќи, како што вели, тоа што седат по дома не е нивна вина.

Како што претходно посочија медиумите, министерството со кое сега раководи Груби е уникатно во светот; Од околу 1.400 лица (заклучно 2019-та биле 1.460, од министерството тврдат дека бројката е намалена на 1.410) кои фигурираат како вработени и се на платен список, реално во министерството работат само 44 лица, со тенденција во иднина нивниот број да прерасне на околу 150 лица. Или изразено во пари, од речиси 543-те милиони денари предвидени во буџетот на министерството за 2020-та, нешто повеќе од 523.5 милиони се за плати на „вработените“ (повеќе ТУКА).

„Затоа и најавив усвојување можеби на посебен, специјален закон (лекс специјалис) само за оваа категорија, со кој би било обврзувачки и институцијата и вработениот да го прифатат распределувањето“, додава Груби, откако соопшти дека во тек е и формирање на работна група која ќе ги систематизира „рамковните“:

„Тоа е дел од нашиот коалициски договор помеѓу ДУИ и СДСМ за систематизација на сите вработени по Рамковен договор по Програмата К-5 кои беа вработени низ годините за да се подигне адекватната и правичната застапеност на сите заедници не само на Албанците, туку и на Ромите, на Турците, па дури и на Македонците и на сите други заедници во институциите на државната администрација и во јавниот сектор. Договорот ќе го имплементираме, ќе ги систематизираме сите тие луѓе коишто сакаат да работат и коишто очекуваат да бидат систематизирани. Во моментов формиравме работна група за да ги анализираме нивните стручни подготовки колку имаме економисти, правници, ИТ-инженери, колку се со средно образовани, за понатаму со МИОА да најдеме по систематизацијата што тие ја имаат за целиот јавен сектор да ги најдеме празните места“, изјави тој на 1 октомври, додавајќи дека не очекува процесот да заврши до крајот на годинава.

- Реклама -