Охридскиот советник Нефи Усеини и неговиот брат остануваат во притвор откако Апелацискиот суд во Битола, по жалба на Обвинителството, го поништи решението на Основниот суд во Охрид за прифаќање на понудената гаранција од 30.000 евра за мерката да им биде заменета со куќен притвор или поблага.
Во меѓувреме, поднесен е и обвинителен предлог против браќата Усеини поради ‘насилство’, како и барање за продолжување на притворот, кој им истекува утре, поради опасност од нивно бегство, информира Основното јавно обвинителство Охрид.
„Основното јавно обвинителство Охрид денеска до Основниот суд Охрид поднесе обвинителен предлог против две лица, браќа на возраст од 45 и 48 години, за кои постои основано сомнение дека како соизвршители го сториле кривичното дело ‘насилство’ од член 386 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Обвинетите на 18 август 2020 година, околу 11:30 часот, по претходен договор извршиле грубо насилство врз едно лице при што во јавноста, кај присутни гости и вработени во хотелот ‘Јуник’ во Охрид, предизвикале чувство на несигурност, загрозување и страв.
Обвинетите го повикале оштетениот на средба во хотелот, па откако тој пристигнал со возило, на совозачкото седиште седнал еден од обвинетите. Веднаш започнале расправија, излегле од возилото кај паркингот пред хотелот, каде во меѓувреме пристигнал и вториот обвинет. Во тој момент, двајцата обвинети физички го нападнале оштетениот.
При тоа, на еден од обвинетите од пантолоните му испаднал тврд предмет во облик на пиштол, кој потоа го зел вториот обвинет. Оштетениот со тупаници бил удиран во пределот на главата и телото пред влезот на хотелот и внатре, каде обвинетите во пределот на главата го удирале и со тврдиот предмет во облик на пиштол. По извршеното насилство со кое на оштетениот му биле нанесени телесни повреди, обвинетите го напуштиле местото на настанот“, се вели во соопштението.
Но, додека Нефи Усеини е во затвор, неговите багери не мируваат, обвинуваат од граѓанската иницијатива „Охрид СОС“. На нивниот Фејсбук профил објавено е видео од механизација, за која тврдат дека му припаѓа на охридскиот советник од редовите на ДУИ, која на брегот на Охридското Езеро ископува песок од литоралот (крајбрежјето) за потребите на бетонската база.
„Локацијата каде се копа е во права линија со базата (во коментар споделуваме и слика). Нашиот сограѓанин кој го сподели видеото се обидел да се доближи до машините и возилата, за подобро да види што се случува, но добил вербални закани: ‘Знаеш ли дека тука е забранет пристап’ и ‘Тргни го телефонот, ќе ти го фрлиме у езеро!’. На механизацијата немало никакви обележја од фирма“, алармираат од „Охрид СОС“.
Од „Охрид СОС“ бараат надлежните во најбрз рок да ги запрат овие активности на брегот и вистински да ја спроведат акцијата за прекин на работата на нелегалната бетонска база:
„До кога Зоран Заев како претседател на Владата и Константин Георгиески – Градоначалник на Општина Охрид, ќе го толерираат нивниот коалиционен партнер ДУИ и нивниот локален експонент Усеини, кој моментално е во притвор откако СВР Охрид поднесе кривична пријава против него за кривичните дела ‘насилство’ и ‘неовластено држење на оружје или распрскувачки материјали’ и со денови беше во бегство? Како може советник во Општина Охрид да биде лице на кое му е поднесена кривична пријава за сериозни прекршоци и кое ѝ бегало на правдата и службите на прогонот? Зарем бетонската база не се демонтираше и рушеше? Дали Оливер Спасовски и Министерство за внатрешни работи ќе се одважат и ќе ги запрат овие активности на брегот и вистински, до крај, ќе ја спроведат акцијата за прекин на работата на нелегалната бетонска база? Што е приоритет – јавниот интерес, заштита на животната средина и почитување на правдата и законите, или еден надмен поединец кој изминативе години е неприкосновен и оставен да прави што сака во општината?
Ако тврдевте дека сега ќе делуваат чесни и способни кадри, тогаш уште денес ќе започнете со брза и бескрупулозна акција и ќе го запрете дивото копање езерски песок од крајбрежјето, ќе ги казните физичките или правните лица кои го вршеле тоа, ќе ја затворите бетонската база и ќе наложите нејзино демонтирање и рушење! Ако на почеток Усеини побарал сам да го стори тоа, а се покажа дека само излажал и купувал време, сега најдете фирма која ќе го стори тоа. Не чекајте, ако ‘Македонија пат’ ќе ја руши дивоградбата во Скопје, нека дојдат после тоа и во Охрид, да се продолжи низата. Во спротивно од старт ќе покажете дека новата влада е само лицемерие и неспособност завиткано во убава хартија. Само вистинска и решителна акција ќе покаже дека сите тие зборови не се само празни фрази во етерот“, велат од граѓанската иницијатива, и притоа ги повикуваат граѓаните да го следат примерот на снимателот на видеото:
„Ги повикуваме и охрабруваме сите наши сограѓани, сонародници, нека го следат примерот на овој совесен млад човек и да снимат, да фотографираат, да реагираат до институции, медиуми, да бидат активно вклучени, да ги следиме сите девијации и пропусти кои се случуваат и да покажеме дека ние можеме сѐ да промениме“.