„Не се занимавајте со ова“, бил советот до репортерите на ИРЛ кои ја истражувале дивоградбата кај „Мавровка“

Мевлудин Алити е човекот кој ја исече липата што фрлаше сенка (и евентуално попречуваше изградба на поголем објект или претставуваше потенцијален ризик за ширење на евентуален пожар?) над кафулето „Фонтана“ пред трговскиот центар „Мавровка“. Мевлудин Алити е и сопственик на кафулето, кое изгоре до темел за време на полициски час „поради краток спој меѓу компјутерот и фискалната каса“. Мевлудин Алити е и сопственик на парцелата на која „мистериозниот и најбараниот“ инвеститор во државава тргна на диво да гради бетонско здание, открива ИРЛ (Истражувачка репортерска лабораторија).

Но, сагата со дивоградбата кај „Мавровка“ всушност почнува пар месеци пред случајот со сечењето на дрвото, пишува порталот. Имено, Алити имотниот лист го добил во декември 2019 година, кога Општина Чаир го одобрила неговото барање за легализација. Претходно кафулето „Фонтана“, кое е отворено во 1998 година, во Катастар се водело како времен објект затоа што е на јавна површина.

ИРЛ потсетува и како на почетокот на изградбата, и сопственикот на кафулето и градоначалникот на Чаир – Висар Ганиу, уверуваа дека нема да се гради никаков објект, туку пак ќе си било кафуле… само за наскоро да се смени наративот со тој дека инвеститорот е непознат и никој не може да го пронајде. „Се чини дека никој не сака да се замери со оној кој што гради. Но и дека сите знаат кој е, но никој не би го кажал прв“, пишува ИРЛ.

Репортерите успеале и телефонски да го контактираат Алити, при што неговото „Не сакам да зборувам за тоа“ брзо се претворило во „Грешка сте“, за на крај да им спушти телефон тврдејќи дека не е во Македонија и не може да разговара.

Репортерите на ИРЛ откриваат и, според информации од истражните органи, дека за изградба на објектот кај „Мавровка“ биле најмени две градежни фирми – Антика Визион“ и „Ерман Инк Дооел“, двете од Сарај. Втората нема регистрирано никаков контакт, а кога се јавиле во „Антика Визион“, од таму им рекле дека немаат никаква поврзаност со објектот кај „Мавровка“. На социјалните мрежи, меѓутоа, работници од објектот споделувале фотографии со натпис „Фонтана Мавровка Скопје“, при што е тагнувана токму оваа градежна фирма.

Како што пишува ИРЛ, покрај официјалните информации и документите од Републичкиот Катастар и Централниот регистар заедно со други документи и брифинзи од надлежните општини и институции, нивните репортери разговарале и со најмалку 15 лица од институции, како и лица што го познаваат инвеститорот.

„Никој од нив не сакаше да говори јавно и во детали за овој случај поради страв од притисоци и последици по нивните животи и кариери. Репортерите на ИРЛ добија идентични совети од сите луѓе со кои што разговарававме: ‘Не се занимавајте со ова’ “, пишува ИРЛ на крајот на сторијата.

За повеќе детали, како и за префрлањето на надлежноста меѓу институциите, прочитајте го целиот текст ТУКА.

 

- Реклама -