Богоевски: Мораме да ја избришеме рамковната граница од 20%, но и да го заштитиме македонскиот идентитет

По отвореното писмо до сограѓаните Албанци, во кое практично им порача дека и тие треба да докажат и докажуваат дека не се националисти, како што тоа го прават Македонците, преку тоа што нема да толерираат и поддржуваат национализам во албанскиот политички блок, а кое предизвика разни коментари и критики (од кои дел целосно ја промашија поентата), поранешниот пратеник и активист Павле Богоевски сподели нов дел свои замисли за тоа кои се клучните чекори што македонското општество треба да ги изоди за да може во иднина да остане функционално, па потоа и да напредува.

Според Богоевски, првиот чекор е отстранување на цифрата од 20% предвидена со Рамковниот договор и со тоа изедначување на правата на сите етнички заедници, за да нема граѓани од прв, втор и трет ред. Вториот клучен аспект, посочува Богоевски, е потребата од сериозно организирана државна активност за заштита и негување на македонскиот идентитет, бидејќи, како што вели, Македонците во изминативе години доживејаа многу случувања кои за голем дел од нив значат барем делумно загрозување на идентитетот.

Фејсбук статусот на Богоевски го пренесуваме во целост:

По објавувањето на моето отворено писмо до другарите и другарки Албанци, со задоволство можам да кажам дека се разви голема дискусија. Поминав неколку денови комуницирајќи со моите сограѓани и имав прилика да прочитам и да сфатам голем број работи што претходно воопшто не ми биле познати. Работи за реалните грижи за меѓуетничките односи, лишени од партиска пропаганда. Работи кои воопшто не ги разговараме и кои не им се предмет на интерес на големите медиуми.

Очигледно е дека пред нас имаме уште многу разговор и многу комуникација. Затоа би сакал за момент да ги тргнам настрана Ахмети, ДУИ, СДСМ и сите други дневно политички околности и да пишувам малку поконкретно, за неколку проблеми кои ги сметам за клучни доколку сакаме меѓуетничките односи да ги донесеме на ниво на кое повеќе нема да предизвикуваат дополнителни тензии. Овде не говорам за реториките од партиските препукувања, ниту за апстрактни флоскули од типот „да се сакаме и се’ ќе биде во ред“ – туку за конкретни, реални проблеми кои се надевам дека во блиска иднина ќе бидат решени на правен и законски начин. И, се разбира дека потоа ќе излезат на површина нови проблеми, но градењето на соживот е маратон, а не трка – па така треба да го гледаме и справувањето со тие проблеми.

Би сакал да бидам многу јасен – ова се мои лични ставови, а не општ консензус помеѓу Македонците. Не тврдам дека се исправни, сигрен сум и дека не се најпаметни, а очекувам и дека ќе бидат контроверзни за многумина кои ќе ги прочитаат. Не очекувам дека овие проблеми ќе бидат решени во скоро време, но навистина верувам дека мораме да почнеме да разговараме за нив. Колку поскоро, толку подобро.

1. На државно ниво мора да се отстрани границата од 20%. Треба да почнеме да разговараме и за општинско ниво. Цифрата од 20% можеби беше неопходна во времето во кое беше напишан Рамковниот договор, ги задоволи тогашните потреби и стави крај на конфликтот, но оттогаш бенефитите од оваа цифра опаѓаат, а проблемите растат. Немакедонските заедници во Република Северна Македонија се реалност која не може да се оспори, а Преамбулата на Уставот ги предвидува македонскиот, „како и граѓаните кои живеат во нејзините граници кои се дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите“ како еднакви уставотворни народи и никаде не предвидува квантитативни услови за практикување на правата. На крајот – зошто некоја заедница која хипотетички, би имала 19% од вкупното население да нема практично никакви права, а заедницата која би имала 21% да ги има сите? Тука нема ниту логика, ниту правдина, ниту рамноправност.

Дополнително, во практиката оваа бројка резултира исклучиво со мерење и надмерување. И реална неможност да спроведеме попис што само по себе носи огромни и многу штетни последици по државата. Во моментов, ние сме држава која најдолго нема спроведено попис на своето население. ВО СВЕТОТ. Да, пописот не смее да се блокира, ама и не би требало нечии права да зависат од тоа дали нечиј братучед или сограѓанин е на сезонска работа во странство или печалба.

Отстранувањето на ова ограничување ќе реши огромен број од резервите и стравовите кои ги имаме. Ќе не’ постави на сигурна основа да дискутираме за останатите проблеми, без простор за партиски и националистички реторики во јавниот дискурс. Мораме да бидеме реални – се’ додека имаме квантитативен услов (20%) за остварување на права, ние де факто имаме граѓани од прв ред (тие за кои не е потребен никаков услов – Македонците), граѓани од втор ред (тие кои го исполнуваат условот – Албанците) и граѓани од трет ред (сите други уставотворни народи кои не го исполнуваат условот од 20%). Цифрите би требало да останат само во две области – бадентеровиот принцип на одлучување и државната стратегија за соодветна и правична застапеност, каде појдовна точка би биле резултатите од актуелниот попис.

2. Односот кон другите етнички заедници кои се уставотворни народи. Доколку сериозно размислуваме за отстранување на условот од 20% и сите други услови за практикување на правата, тогаш мораме сериозно да си го поставиме прашањето – дали ние градиме едно општество за сите, или градиме три општества – едно за Македонците, друго за Албанците и трето за сите останати. Сите етнички права треба да им бидат подеднакво достапни на сите граѓани кои припаѓаат на уставотворните народи. Техникалиите за начинот на уредување сигурно ќе бидат комплицирани, ама тоа никако не значи дека треба да се откажеме уште пред да почнеме.

Еве една работа која е непозната за јавноста – кога во Собранието се дискутираше за Законот за јазици, помеѓу дел од колегите проциркулираа идеите за отстранување на цифрата од 20% и за зголемување на правата на другите етнички заедници. Но, тоа беше задушено во самиот зачеток. Најголемиот дел пратеници Македонци не сакаа да разговараат за отстранување на условот и имаа силен отпор кон тоа, а најголемиот дел пратеници Албанци не сакаа да разговараат за никакво зајакнување на положбата на другите етнички заедници и имаа силен отпор кон тоа.

3. Да работиме на вистинска интеграција. Речиси дваесет години по Рамковниот договор, интеграцијата се користи само како реторичка алатка пред избори. Штом изборите завршат, интеграцијата се става во фиока до наредните избори, а моноетничките партии до тогаш продолжуваат со намерно и свесно одржување на постоечките меѓуетнички тензии и креирање нови. Целата смисла на нивното постоење се сведува токму на тоа – дека тие и никој друг се бранителите на своите нации кои се под постојана закана од другите. Затоа, ниту ВМРО, ниту ДУИ, ниту која било друга моноетничка партија нема никогаш да се стреми кон вистински интегрирано општество – бидејќи тогаш нема да има потреба од нивното постоење.

4. Потребна е сериозно организирана државна активност за заштита и негување на македонскиот идентитет. Тука не говорам за антиквизации, славење на убијци и перења на мозок од типот „македонската нација е постара од Библијата“ (како што беше до скоро случајот), туку говорам за научно издржана, врз основа на докази изградена, консензуално прифатена, долгорочна државна стратегија за заштита и негување на македонскиот идентитет.

Без разлика од која страна ги гледате нештата, факт е дека Македонците последните неколку години поминаа многу работи кои за голем дел од нас значат барем делумно загрозување на идентитетот. Тие чувства се реални и нивното игнорирање на долг рок ќе предизвика само проблеми.

Исто така, ова не ја исклучува и можноста за градење вакви стратегии за другите народи – едноставно сметам дека како Македонец, тоа прашање треба да им го оставам на припадниците на другите заедници.

Како што споменав, не очекувам дека овие проблеми ќе бидат решени во скоро време. Но, самото разговарање за нив претставува чекор во вистинската насока.

- Реклама -