Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) подготвува нова цена на струјата. Финалните одлуки се на пат, а новата цена ќе биде соопштена за неколку дена, откако пресметките беа пролонгирани поради вонредната состојба со пандемијата.
Трите компании, државните ЕСМ и МЕПСО и приватната ЕВН веќе ги доставија своите пресметки на материјални трошоци, но РКЕ не открива какви се нивните барања. Сепак, според информации на „Телма“, корекцијата на цената ќе се одвива во нагорна линија.
Според информации на „Сител“, пак, се размислува и за укинување на евтината тарифа на струјата, која граѓаните ја користат шест дена во неделата во периодите од 14 до 16 часот и од 22 до 7 часот наутро и во недела преку целиот ден. Евтината струја беше вратена во октомври 2017-та од страна на владата на СДСМ, како едно од нивните главни предизборни ветувања.
Според информации на „Алсат“, барањата за укинување на евтината струја биле образложени со ставот дека Македонија има најниска цена на струјата во Европа, како и дека е единствена земја со модел на евтина тарифа. Меѓутоа, пренесува „Алсат“, имало и контрааргументи дека споредбата на земјава со држави со многу повисок стандард не држи вода и дека укинувањето на евтината тарифа дополнително ќе го оптовари домашниот буџет.
Од РКЕ за „Телма“, пак, велат дека не добиле барање во однос на евтината тарифа.
Во меѓувреме, граѓаните на ЕУ членките годинава плаќаат поскапа струја од претходно. Според Еуростат, од 2018 до средината на 2019 година струјата поскапела, во просек, за 1.3%. Според српските медиуми, пак, цената на струјата во Србија од септември ќе се зголеми за дури речиси 8%, врз основа на анализата на Електростопанството на Србија, а по барање на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), при што се покажало дека цената на производството е повисока од продажната.