Нова бомба, наводно е за Заеви: „Добив зелено светло, ќе му се запали колата на тој Чаки од ВМРО“

Нов ден, нови „бомби“. На Јутјуб канал насловен „Вице Мафиозо“, објавен е разговор кој објавувачот тврди дека се однесува на семејството Заеви, поточно Трајче (братучед) и Вице (брат на Зоран Заев).

Според објавувачот, гласовите на снимката се на Стојче Чифлигароски – за кого вели дека е „сопственик на СВ Инвест – фирма параван на семејството Заеви за тендерите во РЕК Битола“, и Горан Димовски викан Тушникот, од Битола.

Во снимката се слуша како Тушникот влегува во кола кај Чифлигароски и му раскажува дека бил со Рашо (за кого се тврди дека најверојатно е Радиша Бојовиќ, зет на Зоран Заев) во Струмица и дека Вицето преку телефон со Рашо договорил средба со него во Скопје. Веднаш потоа, Тушникот се надоврзува дека има „5-6 души кои хаос прават“ и кои „многу ја претерале, па дури и се заканувале“, а негова задача е да ги „среди“ и „потисне“, додавајќи дека добил зелено светло да му биде запалена колата на извесен „Чаки“ – за кого вели дека е „локално дете, главен таму на ВМРО“.

Во продолжение Тушникот раскажува дека биле многу добри другари со Рашо – по 24 часа биле заедно, заедно живееле, на исто место спиеле. А потоа му ги објаснува причините на Чифлигароски зошто побарал да се видат – од него бара побрзо да му префрли одредени пари, зашто, како што вели, останал без пари и „не може да движи“. Исто така, му кажува дека бара да земе кола без документи, за кога ќе одел лево десно, и дека има другарче што е „ѕвер за тие работи“.

Потоа му раскажува како во Струмица заработил 30-40 илјади евра и дека заедно со Рашо и некој адвокат извадиле некој Турчин од притвор, а тој (Турчинот) го почастил со часовник од 30 илјади евра.

Потоа му раскажува како останал без пари – Рашо вложувал заедно со Трајче Заев со кого направиле фабрика со плантажи за канабис. Но потоа, вели Тушникот, партнерите се скарале, па Трајче му дал црвен картон и му ги стопирал сите работи и практично целосно го исфрлил Рашо од бизнисот. Во меѓувреме, Тушникот му позајмил на Рашо 50 илјади евра за фудбалскиот клуб, за да не се срами и да ги плати фудбалерите. Не сметал дека е проблем зашто биле многу добри другари и Рашо тогаш ги чекал лиценците. Додава и дека не сака да му бара пари на Вице, бидејќи овој го „пуштил кај Чифлигароски:

„Нејќам на Вице да му барам, ќе речи: ‘А бе те пуштив кај Стојче, завршивме’. Знаеш, ќе ми е незгодно. Што ќе рече, овој бара. А друго е кога ќе дојдат изборите – нека тепаат, е тогаш друго ќе бараме. Така, не?“, вели Тушникот.

„Така е бе брат, фала Богу бе“, враќа Чифлигароски.

„Сега, шо е до мене, јас ќе се покажам, ќе му средам сите работи тука. Од мене, со цело срце ќе влезам. Е натаму, ќе видиме сега, како ќе се покажат. Така, не?“

„Така е бе, нормално“ – потврдува повторно Чифлигароски.

„Тоа е то, бе брат, горе долу. За тоа јас сакав со тебе да се видам, едноставно сакам и една кола без документи да земам, ме разбираш, да нема ни документи, лево десно кога ќе одам. Имам едно мое другарче што е ѕвер за тие работи. Ќе ги средиме сите овие. Оти многу брат, ова е, знајш шо се случува сеа… А бе шо збораш, Стојче. Фркава е страшна, брат, страшна невидена… Не заебавај, на глаа му се качија. Готово, готово, сега уште појќе ќе фаќат, другар, ќе ги смирам јас одма, сега ќе ги потисниме… Ќе ги средиме сите Стојче… Ќе видиш“, му вели Тушникот.

„Да, да, мора“, потврдува Чифлигароски и додава дека уште утре ќе провери и ако е сѐ спремно, уште утре ќе му пушти пари.

- Реклама -