Инфектологот Марковски: Со добри мерки, изборите би биле ризични колку и одење на пазар

„Интересен е предлогот за детални протокли во кои најстручно и во најситни детали ќе се дадат насоки за заштита на гласачите при евентуалните избори кои би се одржале во средината на јули. Јас лично мислам дека денот на изборите со добри превентивни мерки ќе претставува еднаков ризик за ширење на КОВИД-19 исто колку и секојдневните активности кои ги имаме во изминатиов три месечен период (одење по пазари, чекање ред на каса во супермаркети, патување со автобуси…)“, напиша на Фејсбук инфектологот Вело Марковски.

Професорот уште еднаш потенцира дека од есенцијално значење е вршење на скрининг на присуство на заштитни антитела (ИГМ или ИГГ) кон КОВИД-19 со што ќе се имаувид колкав процент од населението веќе имало контакт со вирусот и се имунизирало. Тој потсетува дека луѓето кои немале симптоми, а имаат антитела, се заштитени од болеста многу подобро отколку и кога би се вакцинирале (кога би имало вакцина). Тие, вели, не можат да се разболат и со самото тоа не можат да ја пренесат болеста.

Во контекст на ова, Марковски порачува дека постојат повеќе начини за дополнително да се намали ризикот при гласање на изборите. Еден од нив, конкретно предлага професорот, е да им се прават серолошки (тестови за антитела) на набљудувачите на гласачките места:

„Еве еден предлог, кој според мене може да помогне за регрутирање на најранливата категорија на денот на изборите а тоа се посматрачите. Да се тестираат серолошки и доколку има доволен број на луѓе со антитела од нив партиите да си регрутираат набљудувачи. Вакви бројни предлози можат до максимум да ја подигнат безбедноста на денот на изборите дури и ако остане епидемиолошката состојба ваква. Лично мислам дека до средината на јули ќе биде многу порелаксирана состојбата“, пишува Марковски.

- Реклама -