Home 365 Денес Филипче со реакција до медиумите: Престанете да објавувате неофицијални и најчесто неточни бројки на новозаразените

Филипче со реакција до медиумите: Престанете да објавувате неофицијални и најчесто неточни бројки на новозаразените

0
Филипче со реакција до медиумите: Престанете да објавувате неофицијални и најчесто неточни бројки на новозаразените

Министерот за здравство Венко Филипче ги критикуваше медиумите откако во последниов период стана вообичаено да се објавуваат неофицијални и, како што истакнува министерот, најчесто неточни информации за бројката на новозаболени. Ова тврдење се потврди и денес, откако едни медиуми објавија дека и денешната бројка е слична на вчерашната, односно дека се очекуваат 150-200 новозаразени, за потоа друг медиум да објави дека денешниот број е 79. И вчера се шпекулираше со бројките, па прво беа 150, па потоа 170, па 177, за на крај официјално министерството да соопшти дека се 180.

Филипче порача дека не смее да има трка за ексклузивитет, бидејќи станува збор за чувствителни информации за здравјето и животот на граѓаните, но уште повеќе затоа што Министерството за здравство, како што тврди, секогаш навремено и точно ги информира медиумите, за тие прецизно да ја информираат јавноста:

„Почитувани медиуми и новинари,

Деновиве голем број на медиуми уште рано наутро објавуваат неофицијални и речиси секогаш неточни информации за бројот на новозаболени.

Од самиот почеток на оваа криза лично јас и целиот мој тим за односи со јавноста сме ваш партнер. Веќе 100 дена навремено, прецизно и транспарентно ја известуваме јавноста. Ги соопштуваме сите детали за новозаболените од Ковид-19, сѐ со цел медиумите да имаат точна информација.

Уште еднаш ги замолувам медиумите да престанат да изнесуваат шпекулативни и непроверени информации околу бројот на заболени лица од Ковид-19. Ги молам да ја зачуваат својата улога и задача која ја имаат кон јавноста за навремено, точно и проверено известување.

Непримерно е во ситуација кога имаме секојдневно заболени и секојдневно известуваме и за секоја најмала промена, да се шпекулира со податоци токму од страна на оние кои треба да обезбедат прецизна информација за јавноста.

Со тоа се внесува конфузија кај населението и недоверба во институциите, а искрено верувам дека ова не е целта. Објавувањето број на новозаразени со Ковид-19 од страна на медиумите не смее да биде трка на ексклузивитет, затоа што станува збор за чувствителни информации за здравјето и животот на граѓаните.

Објавувањето на вакви непроверени информации е уште повеќе несфатливо затоа што Министерството за здравство редовно ги објавува сите информации, а доколку има промени и по неколку пати во денот. Сите прашања на новинарите се одговараат постојано и на дневно ниво.

Искрено се надевам дека оваа пракса ќе престане, а ние ќе продолжиме со навременото и точно информирање“, напиша Филипче.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here