„Граѓаните треба да бидат санкционирани без исклучок, независно од нивната етничка и верска припадност“ – им порача Пендаровски на надлежните органи

Претседателот Стево Пендаровски, на прес-конференцијата на која ја соопшти одлуката за вонредната состојба, упати и порака до граѓаните, но и Владата – во однос на оние кои ги прекршуваат законите и препораките во однос на пандемијата со Ковид-19.

На огромното мнозинство граѓани претседателот им се заблагодари што „веќе трет месец крајно дисциплинирано и совесно“ ги почитуваат препораките за заштита на своето и здравјето на своите најблиски.

„Истовремено сакам да упатам апел до нив и сите нас да не се опуштаме и со тоа да ги доведеме во прашање сите позитивни резултати кои ги имавме досега во борбата против пандемијата. Ние оваа битка сигурно ќе ја добиеме, но мораме да останеме совесни и одговорни до самиот нејзин крај“, рече Пендаровски.

Неговата порака до Владата, пак, беше далеку посериозна:

„Негативните трендови забележани во некои општини не смеат да бидат повод да се враќаат рестриктивните мерки на целата територија и кон сите граѓани. Надлежните органи и министерства мора да ги санкционираат сите граѓани кои не ги почитуваат мерките, без исклучок и неселективно, сосема независно од нивната етничка и верска припадност. Со неказнувањето на оние кои свесно не ги почитуваат законите се остава простор за враќање на кризата на самите почетоци и крајно неоправдано заради тоа сите останати треба да ги трпат рестриктивните мерки иако за сето време ги почитувале и законите и препораките“, дециден беше Пендаровски.

- Реклама -