Додека Европа „се опушта“, Шведска ги продолжува мерките и се подготвува за втор бран

Во момент кога речиси сите европски земји ги укинуваат или барем олеснуваат мерките на изолација, Шведска, која не воведе карантин како што направи остатокот од континентот, сега најавува продолжување на одредени рестрикции на подолг рок.

Скандинавската земја која го привлече вниманието со поинаквиот пристап кон пандемијата, ги остави отворени училиштата, градинките, кафулињата, баровите и рестораните и наместо да воведе карантин побара од своите граѓани секој индивидуално да понесе одговорност – што Швеѓаните и го направија, самите повлекувајќи се во изолација.

По апелот на научниците во отворено писмо до премиерот Стефан Ловен, училиштата останаа отворени само за учениците од пониските одделенија, додека наставата беше прекината за постарите основци, како и за средношколците и студентите. Ловен, исто така, ја промени и одлуката за дозволени собири – од максимум 500, на максимум 50 луѓе.

„Борбата против Ковид-19 е маратон. Мерките кои ги преземавме се избрани бидејќи цврсто веруваме дека се одржливи на долг рок“, рече на прес-конференција во средата премиерот Ловен.

 

Извесно е дека уште многу месеци ќе остане во сила забраната за посета на старечките домови, во кои пoчинаа повеќе од половина од вкупниот број на пoчинати од Ковид-19 во Шведска. Останува во сила и препораката за продолжување со работата од дома.

До вторникот, бројот на зapaзени во Шведска достигна 30.8 илјади, со 3.743 пoчинати – што е повеќе од Норвешка, Финска и Данска заедно. Според официјалните податоци, Шведска има 371 пoчинати на 1 милион жители, за разлика од Данска – која има 95/милион, Финска – 54/милион и Норвешка – 43 пoчинати на милион жители. Според статистиката на порталот Statista, по бројот на cмpтни случаи на 1 милион жители, Шведска е шеста во светот. Во првите 10 сите се западноевропски земји, со исклучок на САД, кои се деветти.

ПОДГОТОВКИ ЗА ВТОР БРАН

Сега кога повеќето Европејци етапно се враќаат на работа и продолжуваат со редовните активности, Шведска, во стpaв од втор бран, се одлучува за подолготрајна стратегија. Здравствените и политичките власти сметаат дека вирусот нема да исчезне наскоро и дека треба со намалено темпо да циркулира во општеството, за да се избегне преоптоварување на здравствениот систем, иако поради тоа постарите лица платија скапа цена.

Според анкетите, шведската јавност во најголем дел ги поддржува мерките на главниот шведски епидемиолог Андерс Тегнел, кој тврди дека шведската стратегија дава резултати и дека податоците покажуваат дека Швеѓаните сѐ повеќе се придржуваат до советите и препораките.

Претставникот на Светската здравствена организација (СЗО) – Мајк Рајан (директор за итни ситуации), ја поздрави одлуката на Шведска за продолжување на мерките за борба против коронавирусот и порача дека „од шведските колеги може да се научи лекција“.

 

- Реклама -