Компаниите кои користат помош ќе можат да отпуштаат вработени, ССМ ѝ се „заблагодари“ на Ангеловска за „првомајската честитка“

„Сојузот на синдикатите на Македонија и се „ЗАБЛАГОДАРУВА“ на министерката за финансии г-ѓа Нина Ангелова, што во целост ги поддржува и применува мерките од „газдите“ и допринесува да се зголеми бројот на невработени во Република Северна Македонија, како честитка по повод претстојниот 1- ви Мај, Меѓународниот ден на трудот“, се вели во денешното соопштение на ССМ, откако министерката за финансии Нина Ангеловска претстави три промени во мерката за 14.500 денари државна помош за компаниите.

„ССМ реагира на изјавите на Министерката за финансии по однос на давање можност на компаниите кои користат финансиска помош да можат да го намалат бројот на вработените како и за донесената Уредба со законска сила за финансиска поддршка на работодавачите погодени од здравствено-економската криза предизвикана од Коронавирусот COVID-19, заради исплата на платите за месеците арпил и мај 2020 година донесена на седница на Владата одржана на 28 април 2020 година.

Сојузот на синдикатите на Македонија ги потсетува Министерството за финансии и Владата дека давање на финансиска поддршка која на крајот на денот ќе се враќа од парите на работниците и преку даноците на граѓаните не смее да овозможува намалување на број на вработени односно Државата да го финансира отпуштањето на работниците под притисок на работодавачите.

Во овие моменти кои се исклучкително тешки за македонските работници, Владата ниту пак Министерството за финансии не смеат да носат Уреби по нарачка и притисок од работодавачите, коморите и сл., а се на штета и на грбот на работниците!!!

Овозможувањето на работодавачите со Државни пари да си поигруваат со судбините на работниците и нивните семејства, мора веднаш да запре.

Од тие причини, Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, бара итна средба со министерката Ангелова, за надминување на оваа, за нас работниците, погубна Уредба.

Однапред нека ни е честит 1-ви Мај Меѓународниот ден на трудот“, стои во соопштението.

Како што информираше денеска Ангеловска, Министерството често добивало прашања од засегнатите страни од типот на што доколку работникот сам напушти, што ако станува збор за сезонски работници, доколку истекува договорот на работникот и слично.

„Поради тоа со ова се олеснува критериумот за задржување на бројот на вработени, односно со промената се олабавуваат условите за задржување на вработени“, рече Ангеловска, која објасни дека микро и малите компании ќе смеат да го намалат бројот на вработени за 15%, средните компании за 10% и големите компании – за 5%.

Претходно, услов за државна помош беше работодавачот да го задржи истиот број на вработени два месеци заклучно по користење на мерката, односно до месец јули.

Втората флексибилна промена се однесува на најпогодените сектори – угостителство, транспорт и туризам. Компаниите од овие сектори, покрај мерката од 14.500 денари, ќе можат да ја користат и мерката за субвенционирање на 50% од придонесите.

Третата промена е поврзана со трансформирањето на финансиската поддршка во грант, па така микро, малите и средните компании нема да ја вратат добиената помош доколку исполнат одредени услови.

Според министерката Ангеловска, мерките се во насока на спречување на отпуштање на работниците, додека истовремено се зголемува опфатот на компании кои ќе можат да аплицираат и да користат помош (за да ги задржат работниците).

- Реклама -