Во Туркменистан нема заболени од коронавирус, а веројатно нема ни да има, со што слободно можеме да констатираме дека оваа земја ја победи пандемијата. Како? Едноставно, го забрани.
Како што пренесува „Репортери без граници (RSF)“, според официјалните податоци во земјата сѐ уште нема ниту случај, што е малку веројатно, затоа што по десетици заболени од коронавирус веќе има во соседните земји Казахстан, Узбекистан и Авганистан.
А за да се погрижат дека ќе остане така, туркменистанските власти, предводени од диктаторскиот претседател Гурбангули Бердимухамедов, забранија и да се зборува и да се пишува за коронавирусот.
Самиот збор „коронавирус“ исчезна и од државните брошури во кои до неодамна се предупредуваше населението како да се заштити и да спречи ширење на заразата. Наместо тоа, заменет е со термините „заболување“ и „акутна респираторна болест“.
Според „Радио Слободна Европа“, ни луѓето на улица не смеат да разговараат за коронавирусот. На таквите им приоѓаат полицајци во цивилка и ги замолчуваат.
„Туркменистанските власти ја оправдаа својата репутација такашто одлучија да ги избришат сите информации за коронавирусот“, пренесува Џин Кавелие од „Репортери без граници“ – шефица на дескот за источна Европа и Средна Азија.
Како што предупредува таа, „оневозможувањето на информации го загрозува здравјето на жителите и го засилува авторитарниот режим на Бердимухамедов“. Од тие причини, „Репортери без граници“ побараа реакција од меѓународната заедница.
Вакви апсурдни решенија не се никаква новост за Туркменистан. На пример, во 2018-та пишувавме како Бердимухамедов ги забрани црните коли затоа што белата му била омилена боја и затоа што носела среќа, а црната несреќа. Со тоа целата администрација, но и граѓаните, беа приморани да ги префарбаат автомобилите, бидејќи во спротивно им се закануваше висока парична казна.
Неговиот претходник, пак, ги „прекрсти“ месеците од годината во имињата на членовите на семејството, а своето име си го смени во „Туркменбаши“ – што во превод значи „татко на цел Туркменистан“.
За жал, за разлика од овие, одлуката да не се зборува за коронавирусот веројатно ќе биде наплатена и со човечки животи…