Нека си ги продадат Мерцедесите и ќе имаат за да им исплатат плати на вработените – тоа е советот на бугарскиот премиер Бојко Борисов, откако претставници од бизнис заедницата му се пожалиле дека не можат да ги плаќаат вработените.
Борисов обвини дека бизнисмените, наместо да го прават тоа, во последнава недела постојано само бараат пари од државата и се жалат дека нема преземени мерки.
„Нема дилема, ќе им помогнеме на економијата и претприемачите. Водиме и сметка дека без нив ќе нема приходи во Министерството за финансии. Сите наши напори се насочени кон зачувување работни места“, рече Борисов.
„Ноќе не можам да спијам, цело време размислувам што да направиме за да не влеземе во рецесија“, додаде тој. „Во последните години имавме раст на производството и на извозот, го намаливме долгот, немаше слободни работници за инвестициите. Сега сето тоа се уpна. И треба да мислиме како да направиме така што ќе продолжи да функционира државата“.
Борисов рече дека не може да ја каже сумата на помошта, зашто не може да знае колку ќе трае пандемијата. „Ако е еден месец – е едно, ако се два – сосема друго, а ако е една година… Никој во светот не може да каже“, рече Борисов. Тој потсети и дека досега немало пандемија што траела пократко од 6 месеци.
„Имаме 7 милијарди вишок, што можеме да ги потрошиме. Имаме можно да земеме 5 милијарди заем, но што сакаат – да ги потрошиме и после што?“, праша Борисов, истакнувајќи дека ако тоа се случи, потоа Бугарија може да има проблем со покривањето на итните потреби, во случај кризата со вирусот да продолжи.
„Не може да сакаме да станеме побогати по оваа пандемија“, сумираше Борисов. Тој потенцираше дека тие што имаат сега треба да даваат, притоа посочувајќи примери со неколку држави што сега се потпираат на (големиот) бизнис.
„А што прават нашите олигарси? Сите отидоа на скијање во Франција, во Куршавел, а сега се вратија и сакаат пари. Не може така, нека осиромашат малку и олигарсите“, ги искара Борисов, истакнувајќи дека државата, за разлика од нив, вози автомобили стари по 10 години и нема намера да купува нови.
Во поглед на богатите луѓе низ светот, Борисов рече дека е загрижен од фактот што продаваат добра/ресурси со цел да профитираат. Тоа дополнително создава песимизам за иднината, оцени тој, но со порака дека Бугарите треба да се единствени како нација и дека само така можат да ја пребродат кризата.
Извор: Стандарт