Лозано на „Music Award Ceremony“ 2020: Тоа е Македонија, а не таа земја со додаток (ВИДЕО)

Македонскиот пејач Влатко Лозановски – Лозано, ја доби наградата за најдобра фолк-поп песна на вчерашното второ издание на регионалната манифестација Music Award Ceremony (МАC, Церемонија на музички награди), кое се одржа во Белград.

Лозано ги поздрави сите присутни во Старк арената и се заблагодари што е дел од спектакуларниот настан и ги поздрави сите што гласале за „Мајка“, за која рече дека е една од неговите најомилени песни.

Лозано исто така ги поздрави и сите Македонци што го поддржуваат повеќе од една деценија, притоа поправајќи го водителот, кој го најави како „еден прекрасен момак, со прекрасен глас и стас, од Северна Македонија“:

„Голема благодарност до моите во Македонија, морам да го поправам Сале, тоа е Македонија, не е со тој додаток што го кажа пред малку“, рече Лозано.

„Се надевам нема да ми замерите што зборував на македонски поради тоа што на неколку пати имам слушнато дека на Јелена Карлеуша ѝ е ceкси јазик“, додаде на шега Лозано.

Инаку, претходно менаџментот на ТВ „Канал 5“ се избори организаторите на MAC 2020 нашата земја да ја именуваат како Македонија, без додавката „Северна“. Порталот „Плусинфо“ го поздрави потегот како „убав и поучен“ доказ дека „кога се сака, можеме да се избориме за сфаќањето дека Преспанскиот договор сепак не пропишува употреба на новото службено име на земјата секогаш и во секакви прилики“ – позиција која во неколку прилики ја бранеше новинарот Бранко Героски преку своите колумни.

- Реклама -