Владата го зголемува повратот на ДДВ, сака поголема масовност на скенирање на фискални сметки

Владата планира промени во проектот „Мој ДДВ“ во насока на зголемување на процентот (актуелниот е 15%) кој од платениот ДДВ ќе им биде враќан на граѓаните, објави „Сител“ повикувајќи се на свои извори. Целта, според нив, е поголема масовност, односно поголемо учество на граѓаните во проектот на скенирање на фискални сметки.

Како што образложуваат изворите на „Сител“, сумата од максимални 600 денари месечно, за која граѓаните треба да потрошат најмалку 30 илјади денари, не е во ред кога ќе се спореди со сумите што се доделуваат во рамките на наградната игра „Моја награда“ – од 1.000, 2.000 или 3.000 дневно. Со измените, затоа, дел од парите предвидени за „Моја награда“, поточно 500.000 евра, ќе бидат пренасочени кон сите кои скенираат фискални.

Досега околу 185 илјади граѓани ја користат апликацијата „Мој ДДВ“. Сепак, за дел од граѓаните (за оние за кои е достижна), максималната сума од 1.800 денари за 3 месеци е премала за воопшто да учествуваат во скенирањето фискални. За добар дел од оние за кои е недостижна, пак, мотивот е уште помал. Прилогот погледнете го ТУКА.

- Реклама -