Центарот за граѓански комуникации денеска соопшти дека за дочек на 2020 година се потрошени 675 илјади евра за уграсување на општините низ целата земја. Споредено со претходната година намален е бројот на општините што биле укарасени.
Како што се наведува, дури 91 % од парите за украсување на улиците и плоштадите за дочекот на Новата 2020 година завршуваат кај две скопски фирми, „Линк Медиа плус“ и „Метал-Вет-Ел“. Околу 490 илјади евра, односно 73 % од парите за новогодишното украсување се потрошени во Скопје и тоа од градските власти и од општините: Центар, Аеродром, Карпош, Чаир, Бутел, Гази Баба и Шуто Оризари.
-„Само Град Скопје за украсување на јавните површини потроши околу 285 илјади евра, што е удел од 42 % од вкупните пари за оваа намена. По Град Скопје најголемите договори за украсување ги имаат склучено скопските општини Центар и Аеродром, истиснувајќи ги општините Карпош и Струмица кои лани беа на овие позиции. Промената се должи на тоа што Општина Центар годинава спроведе тендер по пауза од две години (во вредност од 56.847 евра), а Општина Аеродром, пак, ја зголеми вредноста на договорот за 54 % и за украсувањето потроши 48.519 евра“, покажуваат податоците.
Покрај тоа што договорите ги добиваат исти фирми, продолжува и старата навика на задоцнето објавување на огласите за јавна набавка на новогодишно украсување, што секако неповолно влијае врз конкуренцијата и потенцијалните понудувачи потемелно да ја подготват реализацијата на договорите.
Повеќе на А1он.