Рајкард нов менаџер на Милан

Поразите на Милан зачестуваат – најновиот се случи синоќа во Лигата на шампионите, на гостувањето кај Малага, а тоа може да биде и последен меч за Масимилијано Алегри на клупата на „Росонерите“.

По новото очајно издание на италијанскиот тим, јавноста на Апенините веќе наголемо шпекулира дека му се подготвува отказ на Алегри, а неговото место на клупата на Милан треба да го заземе Франк Рајкард. Тој е селектор на репрезентацијата на Саудиска Арабија, но, секако, не би можел да ја одбие понудата од својот некогашен клуб, каде имаше фантастични моменти како фудбалер.

Масимилијано Алегри по синоќешниот пораз од Малага, им порача на новинарите прашањето за неговата смена да го постават до раководството на клубот.

„Дали ќе останам на клупата на Милан? Ова прашање ќе морате да им поставите на челниците на клубот. Не игравме така лошо, но, сепак загубивме. За првпат игравме во формација 3-4-3, но потребно е време за да легнат работите“, изјави Алегри.

Милан го доживеа шестиот пораз во последните 11 натпревари под раководство на Алегри, па оттаму и најавите дека ќе дојде до смена на тренерската позиција, а Франк Рајкард е најсериозен кандидат за нов шеф на стручниот штаб.

- Реклама -