Дипломатскиот извор на „360 Степени“ се покажа во право. Денеска од Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски и официјално потврдуваат дека ќе оствари тет-а-тет средба со францускиот колега Емануел Макрон.
Средбата е закажана за следниот вторник претпладне, на 12 ноември, на маргините на Парискиот мировен форум, кој ќе се одржува од 11 до 13 ноември, а на кој истиот ден обраќање ќе има и Пендаровски.
Претседателот, во изјава за медиумите, веќе најави дека се прават напори за средба на високо ниво, на која главни теми ќе бидат евроинтеграциите, со главен фокус на Франција. Целта е, како што рече, во претстојниот период да добиеме посилен сигнал за тоа дали е е можно да се измени крајно неповолниот исход од Самитот во Брисел.