Осум ефективни работни часови, укинување на неработни денови за празници за да нема дисконтинуитет во производството, нормиран учинок итн…, бараат текстилните фабрики здружени во Текстилниот кластер во писмо испратено до министерките за труд и социјална политика и за финансии – Мила Царовска и Нина Ангеловска, и до вицепремиерот Кочо Анѓушев.
Во писмото, сопствениците образложуваат дека со сегашното работно време од 7.5 часа плус 30 минути платена пауза, нивните фабрики заостанувале во конкурентноста зад другите фабрики од регионот.
„Седум и пол часовното ефективно работно време со плус 30 минути платена пауза да се замени по примерот на сите европски земји во окружувањето со 8 часа ефективно работно време плус 30 минути платена пауза, што значи вкупно 8 часа и 30 минути. Сегашниот начин на работно време нѐ прави многу понеконкурентни во однос на опкружувањето, а нашиот предлог ќе отвори можност за директно покачување на платите како резултат на подолгото работно време од половина час“, велат од Кластерот, пренесува „Фактор“.
Претседателката на Кластерот – Маријана Перковска, вели дека на овој начин работниците ќе исполнуваат поголема норма:
„Паузата е навистина проблем затоа што секаде работното време е подолго, а паузите се платени. Кај нас не може ништо да се постигне со ефективни седум и пол часа работа“, вели Перковска.
Од Кластерот се жалат и дека растот на платите, за кои државата декларативно се заложува, генерално паѓа на грбот на работодавачите. Велат дека немаат проблем со минималната плата, но дека таа треба да е нормирана, односно работниците да се плаќаат по учинок.
Што се однесува до празниците, од Кластерот велат дека силно влијае на продуктивноста. „И плус каде, во која земја има 22 празника? Никаде“, вели Перковска.
Доколку не се исполнат нивните барања, но и поради незадоволство од условите за водење бизнис во земјата, од Текстилниот кластер не ја исклучуваат и можноста за штрајк, иако тоа е само идеја и не сите членки се согласуваат, посочува Перковска. Повеќе детали, ТУКА.