Твитер: Фотографии од „бугарските туристи“ во Македонија во 1941 година

И додека Македонија го слави големиот државен празник 11 октомври и 78 години од почетокот на народноослободителната борба против, пред сѐ, бугарскиот фaшиcтички oкyпатop, Бугарија е зафатена со поставување услови, од чие исполнување ќе зависи нејзината поддршка за евроинтеграцискиот пат на земјава.

Во долгата листа на желби, Бугарија бара Македонија да се откаже од било каква политика која води кон барање за признавање на „таканареченото македонско малцинство“ во Бугарија, бара Македонија да испрати нота до Обединетите нации во која ќе посочи дека „Северна Македонија“ не се однесува на „географскиот регион Северна Македонија, од кој дел се наоѓа во Бугарија“, потоа бара ЕУ да ја користи формулацијата „службен јазик на Република Северна Македонија“ наместо „македонски јазик“, па дури бара и од Албанија „до максимален степен“ да го гарантира правото на „бугарското малцинство“ (за Бугарија македонското малцинство во Албанија е бугарско) да го изучува книжевниот бугарски јазик како мајчин јазик, во сите региони каде ова „бугарско малцинство“ живее (при што се набројани Голо Брдо, Гора, Преспа, Корча, Елбасан и Кукс). Сепак, меѓу главните барања на Бугарија е во македонските учебници и на спомениците од Втората светска војна, бугарскиот фашистички окупатор да не биде нарекуван „бугарски фашистички окупатор“.

Македонските твитерџии не останаа без коментар на ваквата апсурдна ситуација. Напротив, користејќи го своето најсилно средство – саркастичниот хумор, тие ѝ излегоа во пресрет на Бугарија и бугарскиот фашистички окупатор почнаа да го ословуваат со „бугарски туристи“ и „бугарски тур оператор“. Резултатите, кога ќе се тргне настрана тpaгичната историска реалност, се пресмешни:

„Дали знаевте дека Бугарија не учествувала во Втората светска војна? Наместо тоа тие пратија голем број туристи во соседните земји? Овде можеме да ги видиме во близината на Страцин со нивниот туристички автобус“, се шегува твитерџијата Џото.

„Еве неколку Бугари со нивните тур оператори од Германија“

„Овде Бугарите расчистуваат рид што локалните го оставиле прекриен со ѓубре“

- Реклама -