„Црвени линии“ на граница со музички желби: Да им се дозволело на луѓето во Македонија да се декларираат како Бугари

Бугарскиот државен врв, политичките аналитичари и бугарските медиуми често знаат да речат дека во македонските медиуми и јавност имало непријателство кон Бугарија. Од друга страна, во бугарскиот етер поминува сѐ и сешто, без филтер; од влaжни cништa за немање граница од Охридско езеро па до Црно Море, па до тоа една од „црвените линии“ што Бугарија ќе ѝ ги поставела на Македонија да биде луѓето во земјава да можат слободно да се кажуваат Бугари, затоа што моментално во тоа биле спречувани, како што тврди историчарот Пламен Павлов во интервју за бугарската „Фокус“, во врска со денешната консултациона средба на бугарскиот државен врв, која се одржа со цел разгледување на постигнатото на заедничката историска комисија и утврдување на условите под кои Македонија би ја добила „безусловната“ поддршка од Бугарија.

„Една од линиите кои треба да ѝ бидат поставени на Република Северна Македонија и нејзината влада е да не се спречува искажувањето на бугарската самосвест, бидејќи тоа дефинитивно се спречува во моментов“, вели Павлов, додавајќи дека антибугарското расположение продолжува да се негува во земјава.

„Не е тајна дека денес илјадници луѓе во Македонија имаат бугарска самосвест. Во таков случај, ако не ја заштитиме историјата и меѓусебната идентичност, ние всушност ќе им порачаме дека тие не се Бугари. Тоа Бугарија не може да си го дозволи, во никој случај“, вели историчарот, кој во една прилика изјави и дека македонизмот е ГМО на историјата и културата.

Според него, во Северна Македонија било очигледно дека за да добиеш работа во државна служба или за да градиш кариера во академските средини, мораш да си Македонец.

„Т.е. треба да се декларираш како Македонец и ништо друго. Можеби ако се декларираш како Србин имаш некаква шанса, но не и ако се декларираш како Бугарин. Таквиот конформизам за нас Бугарите во Бугарија не е баш разбирлив, бидејќи како и да е, кај нас има многу поголема слобода отколку во Република Северна Македонија. Бугарија и како најблиската држава до Македонија, како луѓе со една и иста кpв, но и како членка на Европската унија, би требало да се грижи за демократизацијата на Македонија – процес кој го нема достигнато потребниот развој“, вели Павлов.

- Реклама -