Нова 30-ка и за Кичеец

Откако медиумите, повикувајќи се на неофицијални извори, објавија дека му е продолжен притворот на Боки 13 за уште 30 дена, Кривичниот суд преку официјално соопштение потврди дека истото важи и за второосомничениот во случајот „Рекет“ – Зоран Милевски, викан Кичеец.

„Кривичниот совет на Одделението за гонење организиран криминал и корупција при Основниот кривичен суд Скопје, денеска (13.09.2019) постапувајќи по предлог на надлежниот Јавен обвинител за продолжување на мерката притвор против Б.Ј. и З.М. донесе решенија со кои предлогот на обвинителството се уважува и мерката притвор се продолжува за нови 30 дена поради постоење на причините од член 165 ст.1 т.1,2 и 3 од ЗКП“, соопштија од Кривичен, додавајќи дека странките имаат право на жалба.

Ова е второ продолжување на мерката за Боки 13 и Кичеец, кои денес навршуваат вкупно 60 дена во притвор. Двајцата можеа да се видат на снимката објавена од италијанскиот весник „Ла Верита“, како го напуштаат домот на бизнисменот Орце Камчев со торба „Луј Витон“ полна со еден милион евра во купчиња банкноти од 50, 500, 100 и 200 евра. На аудио снимките, кои исто така ги објави „Ла Верита“, Камчев на Боки 13 му вели: „Сè сум ти спакувал брат, и со ластиче и со бројче. Пола-пола се. 500 се од тие, 500 се од овие“, додавајќи дека му одбрал и соодветна торба да му одговора со стајлингот, зашто немало да му личи да му ги даде во торба „Адидас“.

 

- Реклама -