Картонски Заев и Шекеринска и бугарско и грчко знаме гореа пред конзулатот во Мелбурн (ВИДЕО)

Група македонски иселеници во Австралија, од кои најголем дел со црни дуксерки со капуљачи и скриени ликови, вчера утрото, на Денот на независноста, пред македонскиот конзулат во Мелбурн, протестираа против промената на името на државата и актуелната власт.

Групата демонстранти ги запали бугарското и грчко знаме, а истото го направи и со картонските макети на премиерот Зоран Заев и вицепремиерката и министерка за одбрана – Радмила Шекеринска. Додека гореа знамињата, демонстрантите ги набројуваа, според нив, „душманите на Македонија“, а горењето на макетите беше придружено и со навреди кон Заев и Шекеринска, како и актуелната власт воопшто.

Притоа се вееја знамиња со Сонцето од Вергина, а се пееја, покрај химната, за жал, и навредливи стихови кон дел од етничките заедници во Македонија.

- Реклама -