„Јавното обвинителство на Република Северна Македонија на одржаниот Стручен колегиум на јавните обвинители во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија на 05.09.2019 година, го разгледа Известувањето испратено од Јавниот обвинител за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите доставено преку судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје и Известувањето од јавни обвинители на тоа обвинителство, при што зазеде став да ги преземе во надлежност и натамошно постапување предметите кои ќе му бидат предадени од Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите.
Ваквиот став е заснован на уставната положба на Јавното обвинителство како единствен државен орган надлежен за гонење на сторителите на кривичните дела и на други со закон утврдени казниви дела, начелото на легалитет на кривичното гонење, според кое јавниот обвинител е должен да преземе кривично гонење, ако постојат докази дека е сторено кривично дело за кое се гони по службена должност, како и обврската во име на општеството да се грижи за ефикасноста на кривично – правниот систем, почитувајќи го принципот на правна сигурност на граѓаните како темелна вредност на владеењето на правото.
Постапките по конкретните предмети ќе продолжат во надлежните јавни обвинителства“, стои во соопштението од Јавното обвинителство.