„HuffPost“: Што ќе ни е Марс? Наскоро ќе можеме да се преселиме во Русија

Русија е огромна. За посликовито, отприлика е голема колку целата површина на планетата Плутон. Од друга страна, е ретко населена – има четири пати повеќе земја по жител отколку САД, пишува „HuffPost“. Регионот на Сибир, притоа, претставува дури 77% од руската територија, а е дом на само 27% од руската популација, односно на околу 39 милиони луѓе. Главна причина е климата, пишува весникот. Пермафростот (вечниот снег и мраз) го прави Сибир тежок за агрикултура и градежништво.

„Подобрување“ на ситуацијата би можело да се случи како последица од неочекуван извор – климатските промени. Според научниците од истражувачкиот центар Langley на НАСА и истражувачкиот центар на Краснојарск, неизбежниот пораст на температурите може да го подобри потенцијалот за населување на луѓе во азискиот дел на Русија некаде до 2080-тите години. Суровите климатски услови се предвидува дека ќе станат поблаги и погодни. Тоа може да доведе до 9-кратно зголемување на капацитетот на Сибир да издржи човечка популација. Тоа пак, го отвара патот за навала на климатски мигранти, вели HuffPost.

Според научниците, можни се две сценарија: до 2080-тите просечната температура во јануари во Сибир да се зголеми за 3.4 Целзиусови степени. Во поекстремното сценарио, температурата би се зголемила за 9.1 степен. Во јули, пак, не би имало толкаво зголемување – во поблагото сценарио температурата би пораснала за 1.9 степени, додека во поекстремното – за 5.7 степени.

И во двете сценарија сибирската клима би била многу потопла и поблага до 2080-тите. Зоната на пермафростот значително би се поместила кон североисток. Условите за живот во азиска Русија би се подобриле, овозоможувајќи зголемување на капацитетот за човечко население за 3 до 9 пати.

Во таквата потопла клима, топењето на пермафростот ќе создаде погодна околина за поголем агрикултурен потенцијал. Но може да има и негативни страни. Не само што топењето на пермафростот нема да биде значајно за регионите каде едноставно нема плодна почва, туку преодот од пермафрост во не-пермафрост може да доведе и до губење на инфраструктурата, која пропаѓа поради деградацијата на вечниот мраз дури и денес.

Ваквите промени, според HuffPost, и позитивната миграција како последица на климатските промени, веројатно би биле балансирани со намалувањето на наталитетот на руското население. Се проценува дека руската популација до 2050-та година ќе се намали од 143.9 милиони на 132.7 милиони жители. Според Обединетите нации, климатската миграција може да е единствениот начин на кој Русија би ги компензирала овие загуби.

- Реклама -