Руски научник: Топењето на мразот на Сибир ја прави Европа непогодна за живот

Топењето на вечниот мраз (пермафрост) во Сибир, предизвикано од глобалното загревање, предизвикува ослободување на големи количини јаглероден диоксид во Европа. Тоа може да ја промени климата во Европа до тој степен, што континентот може да стане непогоден за живот, предупредува рускиот геофизичар Сергеј Зимов, пренесува германската телевизија „ZDF“.

„Има микроби кои спијат отприлика 50.000 години. Сега тие се будат. Речиси и да можам да ги слушнам како дишат и да помирисам како мирисаат. Тие организми веднаш почнуваат да се хранат. При тој процес, го претвораат јаглеродот во јаглероден диоксид. Во нашиот регион има толку многу вечен мраз, што ако целиот се стопи, климата во Европа ќе стане непогодна за живот“, вели Зимов.

Како што истакнува тој, пермафростот во Арктикот содржи два пати повеќе јаглерод отколку во целата Земјина атмосфера.

Додека Зимов, како и останатите научници, чека неговото предупредување да биде сфатено сериозно, тој и неговиот син Никита (по професија агроном), работат на експеримент преку кој ги тестираат тезите, но и се обидуваат со разни решенија да го забават процесот на топење на пермафростот. Така, веќе 20 години наназад, тие ги реконструираат условите на леденото доба во регион со површина колку Лихтенштајн, во североисточниот дел на Јакутија. Тие ги сечат стеблата на дрвата, засадуваат праисториски билки и населуваат стада јакови, бизони и зубри (Европски бизон). Никита Зимов објаснува како тоа помага:

„Во декември паѓа дебел слој снег. Тој ја изолира почвата од студот. При потрагата по трева, животните го копаат и го тапкаат снегот. Таквиот снег потоа се претвора во вечен мраз и замрзнува подобро во текот на зимата. Тоа, пак, подобро го чува од топење за време на летото“.

- Реклама -