Некои новинари, здруженија на новинари па и државната Агенцијата за аудиовизуелни медиумски услуги изгледа буквално го имаат сфатено афоризмот кој гласи: „Политичарите се како споменици во паркот. Секоја чавка може да ги cepе”. Но и тоа има мерка и усул.
Тие истите новинари или разни платеници и багабонти кои така себе се нарекуваат, заборавија дека откако Груевски ги изгради спомениците на славни политичари од минатото, распиша и тендер за компанија која ќе обезбеди, со поставување на посебни уреди врз спомениците да се заштитат од птиците селици и птиците серици. Грујо не дозволуваше ниту на главата од спомениците да му се покакакаат.
А сега изгледа дошла некоја чудна слобода. Секој багабонт што отворил некој портал и се нарекува себе си новинар смета дека има право да омаловажува, навредува, клевети, да извртува и измислува факти за политичарите, да го загрозува нивниот углед, и угледот на нивните семејства, да ги исмејува и пародира со божемен езоповски јазик, а политичарот само затоа што е на јавна функција и што ‘тие го плаќале’ не смее ниту да им каже дека лажат, нити да им се закани со тужба за клевета затоа што со тоа ја загрозувал нивната слобода за тресење глупости па и слободата на нивните семејства.
Новинарите имаат и професионални здруженија кои стојат зад нив во одбрана на секоја нивна глупост. Тие здруженија и етички судови ниту еднаш не излегоа да им посочат на своите членови дека постои етички кодекс и во новинарството кон кој тие треба да се придржуваат. Еднаш не им споменаа дека за сериозните новинари и медиуми “Фактите се светост а коментарот е слободен”.
Во моментот кога некој од тие багабонти што се претставуваат за новинари, од било кои причини и за било какви цели ќе почнат да измислуваат и извртуваат факти и ќе се најдат во фазата на клеветење тие веќе не можат да уживаат било чија заштита. Тие мора да се соочат со казната за тешка повреда на етичкиот кодекс, со осуда за клевета и со губење на статусот новинар. И тоа е така секаде во светот. Затоа во редакциите имаат адвокати и правнички тимови кои ги опоменуваат колкава ќе биде штетата за нив лично и за редакцијата и издавачот ако се докаже дека не се во право. Ако може лекар заради грешка да изгуби работа и лиценца,ако може судија да изгуби работа и да добие забрана за обавување на таква дејност, па дури и воспитувачка во градинка зошто да не може тоа да му се случи на новинар за кој ќе се докаже дека лаже и ја злоупотребува професијата. Штетата што на политичар и на било кој граѓанин може новинарот да му ја нанесе не е помала од онаа што може да ни биде нанесена од страна на еден лекар или од судија. Новинарите без одговорност и совест можат да создадат атмосфера дека никој од граѓаните не е заштитен и дека секој граѓанин може да се разбуди исплукан, наклеветен и омаловажен од багабонти новинари со целосно измислени нешта и граѓаниот да биде вовлечен во долго демантирање и докажување дека тоа не е така.
Но, ако за грешки од новинарите се одговара како за грешките на лекарите и судиите и ако паричните казни за клевета се толку високи што ќе мора да си ги продадат сопствените станови, тогаш ќе имаме различна состојба. Така ќе бидиме еднакви и може да се гради одговорно општество. Новинарите со злоупотреба на медиумите и на нивната положба не се во состојба да се изборат против било чија злоупотреба. Во борбата против неказнивост не може тие да бараат и да си обезбедат неказнивост за себе.
Можеби е време да се постават минимални услови за обавување новинарска дејност. Ако за благајник се бара да не бил осудуван тогаш за зачувување на работата за новинар минимум треба да биде услов некое образование и доказ дека не е осудуван за неморални дејствија и клевета. А можеби треба и некој ветинг за нив. Тие обавуваат јавна дејност со голема моќ. Можеби во таков случај повеќе ќе водат сметка за фактите.
Фејсбук статус на Ѓорѓи Спасов