Над 30 лиценцирани психолози од онлајн платформата за анонимно советување Разговор.мк, нудат бесплатно советување и психолошка поддршка на неограничен број девојки чија доверба била злоупотребена од членовите на групата „Јавна Соба“, информира основачот на платформата – Георги Михаилов.
„Сакаме ова да допре до што е можно поголем дел од жртвите, за да знаат дека има безбедно место на кое може да добијат поддршка“, ни изјави Михаилов.
„Се работи за онлајн комунакација. Секој може да ја преземе апликацијата и да закаже разговор со некои од психолозите кои стојат на располагање. Секоја од девојките може да нѐ контактира на нашата е-маил адреса support@razgovor.mk или преку нашите профили на социјалните мрежи“, додава тој, потенцирајќи дека сите 30 лиценцирани психолози кои се дел од Разговор.мк веднаш се понудиле бесплатно да ја дадат нивната поддршка.