3 октомври 1849 година: Мистериозната судбина на Едгар Алан По

shutterstock_252135457[1]

Балтимор, 3 октомври 1849 година. Еден маж е пронајден во беспомошна состојба на улицата. Човекот е во делириум и не може да објасни што му се случило. Го носат во болница, но лекарите не можат да му помогнат.

Човекот е Едгар Алан По. Четири дена подоцна тој умира на 40-годишна возраст, а причината за неговата смрт никогаш нема да биде откриена. Ноќта кога умира, писателот неколку пати го повторува името „Рејнолдс“, но никој не успева да разбере на кого мисли. За да биде мистеријата уште почудна, записите околу смртта на По, како и сите медицински документи за случајот се изгубени. Се претпоставува и дека писателот бил облечен во облека што не била негова. Се знае само дека го напуштил Ричмонд една недела пред да го најдат на улицата во Балтимор, но не се знае што се случувало со него во текот на таа недела.

По смртта почнуваат шпекулациите. Алкохолизам, срцеви заболувања, сифилис, колера, беснило, менингитис – серијата можни причини за смртта е бесконечна. Некои дури претпоставуваат дека писателот е жртва на една морничава практика – принудување на луѓето да гласаат користејќи ги сите средства, од напивање со виски до физичка тортура. Според друга теорија, станува збор за самоубиство.

И ете, од некоја чудна иронија, писателот сметан за татко на детективската приказна умира под мистериозни околности, оставајќи загатка што никогаш нема да биде решена.

Погребот на Едгар Алан По трае околу три минути. Извршен е набрзина во Вестминстерските гробишта во Балтимор, без официјално соопштение за смртта. Во 1875 година неговите останки се пренесени во нов гроб. Еден од писателите кои ја обликуваат литературата на XIX век, а заминува без никој да знае.

Тоа е поправено 160 години подоцна. На 10 октомври 2009 година, во Балтимор е организиран голем погреб на Едгар Алан По. За време на церемонијата, со цел да се рекреира погребот, овој пат како што доликува, е користена восочна кукла според ликот на писателот со реални димензии. На погребот присуствуваат многу обожаватели, актери, како и автори кои инспирацијата ја црпеле од него, меѓу кои и Артур Конан Дојл и Алфред Хичкок.

Влијанието на По врз уметноста продолжува и децении по неговата смрт – како за пример, според најголемата филмска датабаза IMDB, има над 200 филмови направени врз основа на неговите дела.

А смртта на Едгар Алан По? Некаква мрачна завера или желба на светот да му се остави уште една последна мистерија за крај –  можеме само да претпоставуваме.

- Реклама -