Пендаровски: Не се сите обвинители, судии и политичари корумпирани

„Рекет“ е огромна криминална афера која ги тресе темелите на важни државни институции, оцени на денешната прес-конференција по повод аферата и снимките објавени од „Ла Верита“, претседателот на Северна Македонија – Стево Пендаровски. Пендаровски предупреди дека доколку истрагата не заврши брзо и темелно, извесен е ризикот дека граѓаните повторно ќе ја загубат довербата во државата, институциите и политичарите, но овојпат конечно, засекогаш.

Тој истакна дека револтот на граѓаните и јавноста е сосема разбирлив и оправдан, и со истиот и тој самиот се поистоветува – како човек и граѓанин разорачан е од самата афера, од специјалната јавна обвинителка Катица Јанева лично, но и од начинот на кој (не) се води истрагата. Пендаровски посочи конкретно на заминувањето на годишен одмор на клучните обвинители кои ја водат истрагата за „Рекет“, порачувајќи дека не може да се тераат одмори кога се работи за вонредна состојба како што е аферата „Рекет“, со оглед дека справувањето на институциите со случајот е будно следено во секој чекор и може да влијае на не/добивањето датум за почеток на преговори со Европската унија.

Сепак, во своето обраќање до граѓаните и јавноста Пендаровски се обиде да внесе и доза оптимизам:

„Почитувани, не се сите обвинители во СЈО и во редовното Обвинителство – корумпирани. Не се сите судии корумпирани. Најголемиот дел од обвинителите и судиите се доблесни професионалци со интегритет. Во оваа држава имаме доволно чесни и способни луѓе со образ. Меѓутоа, тука главната улога треба да ја одиграат политичарите, и во тоа ја гледам направената кардинална грешка. Генерации политичари пропуштија многу одамна да создадат амбиент во кој чесните и професионални кадри во судско-обвинителниот систем ќе си ја вршат работата без притисоци од страна, а корумпираните ќе се соочат со правдата. Меѓутоа, не е предоцна и денес, час поскоро, ние тоа да почнеме да го правиме.

Сите политичари не се исти. Ние ја добивме довербата на граѓаните со тврдењето дека не сме исти со претходните, но тоа мора секој ден практично да го докажуваме“, порача Пендаровски, ветувајќи дека ќе ги искористи сите свои уставни и законски надлежности за да го даде својот придонес во заштита на институциите, особено надлежните во аферата „Рекет“, од сите надворешни влијанија.

 

- Реклама -