Милчин: Не можам да го разберам присуството на Заев на обновувањето на споменикот на Каварналиев

Фејсбук статус на Владимир Милчин

„Бугарската Википедија веќе денес, на денот кога му е обновен паметникот на местото кај што бил погребан, на патот од Дојран за Валандово, беше ажурирана со податокот дека на обновувањето присуствувале премиерите Борисов и Заев.
Каварналиев е роден 1866 година во Шумен. Како јункер учествувал во Српско-бугарската војна во 1885 година. Одликуван е и унапреден во офицерски чин. Во 1907 година назначен е за началник на штабот на Петтата пешадиска дунавска дивизија. Потоа е унапреден во полковник.
Сега доаѓаме до Втората балканска војна во која малите империјалистички држави, балканските кралства, се тепаат за тоа која колкав дел од географска Македонија ќе лапне. Тогаш се случува опсадата на Кукуш од грчките дивизии. Во Кукуш се два бугарски полка. Кукуш бил запален и изгорен до темели од грчките дивизии по повлекувањето на Бугарите во правец на Дојран. Таму се случила жестока битка на 18 јуни 1913 година. Полковникот се соочил со надмоќните и далеку побројни Грци. На 23 јуни полковникот трга во напад на чело на своите војници. Ранет е смртоносно и умира на 25 јуни.
Дојран ја доживеал судбината на Кукуш. Затоа денес има Стар и Нов Дојран. Од Стариот останале само урнатините од црквата.

Споменикот на полковникот бил подигнат во 1916 година, кога Бугарија безуспешно се обидела да го добие делот од Македонија кој не го добила во Втората балканска војна. Споменикот свечено го открил полковникот Дрангов.
Во 1966 година споменикот бил урнат. Бил обновен во 2009 година во родниот град на полковникот, Шумен.
Значи, Каварналиев неспорно бил храбар и верен војник на Царството Бугарија и направил блескава кариера. Во Македонија во две војни се борел за интересите на Бугарија, а цехот го платиле жителите на два града.

Можам да го разберам присуството на Борисов, но не можам да го разберам присуството на македонскиот премиер Заев на обновувањето на споменикот на висок офицер на држава која “ослободувајќи” ја Македонија во три војни се обидувала да ги задоволи своите ситноимперијалистички апетити. Тие апетити ја довеле и до тоа да биде квислиншка држава, сојузник на нацизмот.

П.С. Ај да видиме дали Заев ќе се поклони пред гробот на Јане Сандански во придружба на Борисов“, пишува Милчин.

ПРОЧИТАЈТЕ И: Кој бил Каварналиев? (ЛИНК)

- Реклама -