„Телма“: Девојката на синот на Јанева е вработена во СЈО, телефонот е најден кај нејзината сестра

Вториот телефон на обвинителката Катица Јанева, иако би можел да се покаже клучен за истрагата околу случајот „Рекет“, добива невообичаено големо внимание денеска во вестите, иако од второстепена важност би требало да е тоа каде е пронајден. Сепак, ваквата „популарност“ се должи на контрадикторноста на официјалните и неофицијалните информации околу тоа кај кого е пронајден.

Она што досега официјално го знаеме е дека:
• При претресот во домот на специјалната јавна обвинителка, телефонот не бил предаден, со образложение дека е изгубен
• Синот на обвинителката му рекол на истражниот тим на Обвинителството дека Јанева телефонот го изгубила во Белград. Тоа го соопшти обвинителката Русковска во интервју на „Сител“
• Денеска Обвинителството го лоцираше и одзема телефонот од лице во државава. Лицето тврдело дека телефонот бил добиен на подарок…

Во меѓувреме, „А1он“ од сопствени неофицијални извори во истрагата објави дека телефонот бил најден кај девојката на синот на Јанева. „Телма“ пак, од исто така неофицијални извори, дознава уште повеќе; Според нивните сознанија, телефонот е пронајден кај сестрата на неговата девојка.

Извори од СЈО, пак, за „Телма“ велат дека токму девојката на синот на Јанева била вработена во СЈО. Изворите велат дека Јанева навистина имала втор телефон освен службениот и истиот не го користела.

Јанева не го адресираше прашањето за нејзиниот втор телефон во обраќањето на денешната прес-конференција, а новинарски прашања не дозволи.

- Реклама -