И Богдановиќ и Шилегов скенираа сметки за поврат на ДДВ, за да имаат пари за проекти

По информативниот штанд кој во петокот беше поставен кај „Веро 2“ во Тафталиџе, денеска промотивен штанд на „Мој ДДВ“ е поставен и во трговскиот центар Веро Џамбо во Скопје. Со цел промоција на мерката за поврат на 15% ДДВ, денеска таму фискална сметка скенираше и скопскиот градоначалник Петре Шилегов.

„Задоволство ми е да се приклучам во промоцијата на проектот ‘Мој ДДВ’ кој бележи одлични резултати. Апликацијата Мој ДДВ ја симнале околу 170.000 граѓани, скенирани се точно 4.604.000 фискални сметки со кои е остварен промет од околу 2.5 милијарди денари. Секој граѓанин може, секој граѓанин би требало да сака да биде на свој начин контролор на фискалниот промет во нашата држава. Ваквата акција овозможува секој од нас да придонесе за збогатување на нашиот семеен буџет, но исто така да придонесеме за зголемување на буџетот на државата, на градот и на општината. Тоа значи повеќе пари во буџетот на државата, со кои се градат нови улици, булевари, градинки, училишта, паркови и слично“, рече Шилегов.

Претходно, во петокот, на штандот кај Веро 2 во Тафталиџе, истото го направи и градоначалникот на Општина Центар – Саша Богдановиќ.

„Јас денеска се приклучувам на акцијата сè со цел да ги повикам граѓаните што повеќе да ја користат апликацијата бидејќи со неа имаме двојни придобивки. Едната е дека на крајот од годината може да добиеме поврат на средства, а втората придобивка е што сите заедно придонесуваме кон разбивање на сивата економија која што врши штета на сите. И на нас како градоначалници што помалку се плаќа данокот толку помалку имаме средства за инвестирање во проекти. Токму затоа и ние градоначалниците треба да се приклучиме кон акцијата“, изјави Богдановиќ во петокот.

 

- Реклама -