И зaдницитe аздисаа…

Сè поголем дел од исечените шуми одат за производство на тоалетна хартија – производ што се користи само еднаш и кој во последниве години станува сè помалку одржлив, предупредуваат истражувачите. Анализата на магазинот „Еthical Consumer“ покажува дека големите производители сè помалку користат рециклирана хартија за производство на тоалетна хартија. Тој тренд датира уште од 2011-та година, пренесува The Guardian.

Велика Британија, на пример, користи 1.3 милиони тони тоалетна хартија годишно, покажуваат податоците од Конфедерацијата на хартиена индустрија. Просечен Британец, пак, годишно троши 127 ролни тоалетна хартија.

Најголемиот проблем е што растечкиот тренд на „луксузна“ четирислојна и проширена тоалетна хартија, и стремежот да се произведе што помек производ, поттикнува на користење на нова дрвна пулпа (каша што се добива со варење на ситно мелена дрвна маса при производството на хартија), наместо рециклирана хартија.

„Нема потреба да сечеме шуми за да направиме тоалетна хартија, но токму тоа се случува. Со оглед дека вниманието на потрошувачите е насочено кон намалувањето на потрошувачката на пластика, некои од големите брендови намалија, па дури и престанаа да користат рециклирана хартија за производство на тоалетна“, вели Алекс Крамби, истражувач за „Ethical Consumer“.

Во истражувањето е издвоена компанијата Kimberly-Clark – еден од најголемите светски добавувачи на тоалетна хартија. Трендот на намалување на употребата на рециклирана хартија е јасно видлив кога ќе се споредат бројките низ годините; Во 2011-та на пример, речиси 30% од вкупниот удел на влакната во тоалетната хартија на Kimberly-Clark биле рециклирани. Во 2017-та, меѓутоа, тој процент опаднал на 23.5%.

Според извештајот на Greenpeace од 2017-та, голем дел од шведските шуми се наоѓаат во оваа тоалетна хартија. Организацијата тогаш предупредила дека шумите се загpoзени поради растот на побарувачката на дрвни сировини.

Понатаму, едно ново истражување покажува дека хемикалиите кои се користат во производството на рециклирана хартија се далеку помалку отpoвни во споредба со оние кои се користат за избелување на необработената дрвна пулпа.

„Ethical Consumer“ предупредува и да не ѝ се верува на ознаката FSC, за која и онака малку од потрошувачите се свесни. Најголем дел од тоалетните ролни користат ознака FSC Mix. Тоа значи дека хартијата е произведена од FSC мешавина, односно од мешавина на рециклирано и ново дрво од „контролирани извори“. „Ethical Consumer“ тврди дека тоа не треба да ја смирува совеста на потрошувачите, бидејќи најголем дел од шумите не се целосно FSC сертифицирани.

- Реклама -