Граѓаните со куп поплаки за апликацијата за поврат на ДДВ: „Типично македонска работа, мислиш торент симнуеш“

Прв ден од почетокот на повратот на ДДВ и прв ден како апликацијата „МојДДВ“ е достапна за корисниците (на Android), а веќе се нижат поплаките. Тоа што сè уште не е достапна за корисниците на мобилни со оперативниот систем iOS, се чини, е најмалиот проблем.

Како што објасни Директорката на УЈП – Сања Лукаревска, апликацијата е изработена и за iOS, но сè уште чека одобрување од Apple за да се најде на нивната платформа за апликации. Лукаревска тоа го препиша на „посложените административни процедури“ кои Apple ги следи пред да одобри одредена апликација.

Во секој случај, се очекува „МојДДВ“ наскоро да биде достапна и за корисниците на iOS. Корисниците на Windows Mobile, пак, ќе почекаат. Засега нема информација од УЈП за тоа дали воопшто е планирана изработка на апликацијата и за оваа платформа, пренесува „Радио МОФ“.

Друг проблем со апликацијата е што на Google Play Store, иако е достапна, не можете да ја најдете со пребарување на „МојДДВ“, ниту на кирилица, ниту на латица. Според искуствата на корисниците, засега наједноставно можете да ја најдете преку директниов ЛИНК.

А таму, ќе забележите, како креатор на апликацијата не фигурира УЈП, туку извесен Кирил Соколов од „Акцент ДООЕЛ“.

„Кире, девелопер од Accent (со УЈП како негов веб сајт но со адреса во Виена, Австрија) има пристап до сите овие силни податоци од УЈП на граѓаните?! …мислиш филм од торент симнуеш, а не софтвер за поврат на ддв!!“, коментира еден од корисниците.

Лукаревска објаснува дека причина за тоа е што во барањето за одобрување на апликацијата на Google Play Store се барало да фигурира физичко лице како креатор на апликацијата. Таа смирува дека посочениот Кирил Соколов е дел од тимот на компанијата „Акцент“, која е задолжена за апликацијата.

Меѓутоа, праксата на објавување на апликации за услуги од државни институции е тие да бидат објавени од профили токму на соодветните институции. Една од главните причини за тоа е и за да можат токму институциите да менаџираат со нив и да ги обновуваат со нови верзии, независно од тоа која софтверска компанија или лица работат на апликацијата, а не како во случајов, тоа да се прави од приватен профил на едно лице кое не е вработено во УЈП, објаснува „Либертас“.

Но проблемите не запираат тука. Напротив, ако ги читате коментарите на корисниците, листата станува сè подолга од минута во минута. Многумина се жалат на проблеми со самата инсталација, проблеми со регистрирањето, проблеми со пасвордот и отсуство на било какви насоки околу ограничувањата (на пример, пасвордот мора да е четирицифрена комбинација од 1000 до 9999, односно не може да почнува со 0), проблеми со логирањето, но и проблеми со самото скенирање на сметките (ако лошо се испринтани апликацијата не ги скенира, што голем дел од нив ги прави ефективно неупотребливи), отсуство на повратна информација за тоа колку поврат на ДДВ ќе ви донесе конкретната сметка, итн.

„Колку несериозно аматерски направена апликација без пола ден QA. На секој чекор од користење нешто не работи. И се очекува да внесеш битни информации како трансакциска сметка? Пин не може да биде 4цифрен број што почнува со 0. Валиден е, треба да биде и овде, а ако не е валиден за оваа апликација, барем да има објаснување. Не можеш да промениш пин. Не можеш ништо да промениш. Скенирање не работи, за iOS не е излезена, дев не знае за ревју на AppStore. Жално. Македонска работа, очекувано ѓубре..“, коментира една корисничка. Коментарите и рецензиите, со надеж дека ќе ви помогнат околу евентуални ваши проблеми со апликацијата, можете да ги читате ТУКА.

- Реклама -