Никола Груевски собра доволно „неоправдани“, ќе собере ли Собранието двотретинско мнозинство?

На 13-ти ноември минатата година, додека јавноста се ‘чудеше’ и шпекулираше каде побегнал Груевски, тој самиот се огласи на Фејсбук за да соопшти дека е во Будимпешта. Оттогаш поминаа шест месеци.

Во меѓувреме, Собранието на Груевски му го одзема пратеничкиот имунитет, а му ја секна и платата. Сепак, Груевски остана да биде пратеник, бидејќи Собранието не успеа да изгласа одземање на неговиот пратенички мандат.

Со изминувањето на шест месеци од бегството на Груевски, се исполнува другиот услов (првиот е кога пратеник е ocyден за кpивичнo или друго казниво дело што го прави недостапен за вршење на функцијата) по кој, според Деловникот, може да му биде одземен мандатот на пратеник, а тоа е шест месеци неоправдано отсуство на пратеникот од работата на Собранието. Сепак, според членот 65 од Уставот, за такво нешто повторно ќе биде потребно двотретинско мнозинство од пратениците што ќе го поддржат одземањето на мандатот.

Кога по ова прашање се гласаше во Собранието на 7 октомври, такво немаше. Сега, порача пратеничката Фросина Ременски на Фејсбук, пратениците повторно се ставени пред сериозен тест и под голема одговорност, а дали ќе ја оправдаат, вели Ременски, зависи од тоа дали ќе се спроведе процедурата за одземање на мандатот на Груевски со потребните 80 гласа „за“.

„Пред сериозен тест е Обвинителството и Врховниот суд – ОЈО да даде одговор за истрагата за бегството, а Врховен суд да одолее да не ја укине пресудата за затворската казна.

Во меѓувреме, бидејќи се распишал азилантот, очекувам да објави книга за неговото ‘храбро’ бегство, како лекција – модус операнди за криминалистите, а роман за сите останати“, додаде пратеничката на СДСМ.

- Реклама -