Морските експерти во Норвешка се убедени дека белиот белуга кит што се мотал околу бродовите кај малото рибарско гратче Инга е всушност „агент“ обучен од руската морнарица како дел од специјалната програма за користење на подводни цицачи во разузнавачки цели. Рибарите забележале дека китот носел чудни ремени (како за камера или за оружје) и ги „напаѓал“ нивните рибарски бродови.
Како што велат рибарите, китот чудно се однесувал. Активно ги следел бродовите и се обидувал да ги повлече јажињата кои виселе од страните, а бил и многу питом и, се чинело, навикнат на луѓе. Сето ова, заедно со написот „Опрема на Санкт Петербург“ на внатрешната страна на ременот, ги навело да заклучат дека се работи за животно што било обучувано во соседна Русија.
Норвешките научници, по консултацијата со своите колеги во Русија, уверуваат дека ова е масло на руската морнарица во Мурманск. „Знаеме дека Русија чува одомашени китови во заточеништво и дека дел од нив очигледно биле пуштени. Потоа тие често активно ги бараат нашите бродови“, вели Адун Рикардсен – професор на одделот за арктичка и морска биологија на Арктичкиот универзитет на Норвешка (UiT).
Ако кит-разузнавач звучи како нешто од Советската ера, тоа е затоа што не е далеку од вистината. Во 1980-тите, Советска Русија имаше програма за воена обука на делфини. Поради нивниот остар вид, умешноста да се прикриваат и добрата меморија, тие се сметаа за ефективни подводни „алатки“ за детектирање на непријателски оружја. Програмата беше затворена во 1990-тите, но според еден прилог од 2017-та на руската ТВ „Звезда“ (каналот на министерството за одбрана), руската морнарица, во поларните води, денес повторно обучува белуга китови, фоки и делфини за воени цели. Теоријата ја подгрева и фактот што во последниве три години рускиот претседател Владимир Путин ре-отвори три поранешни советски воени бази долж арктичкиот брег.
Според прилогот на ТВ „Звезда“, целта на овие модерни истражувања и обуки, обавени од Истражувачкиот институт за морска биологија во Мурманск во име на руската морнарица, е да се види дали белуга китовите можат да бидат користени, на пример, за да „ги чуваат влезовите во поморските бази“ во арктичките региони, да „асистираат при длабочинско нуркање“, па дури и да „yбиjaт натрапници кои ќе влезат во нивната територија“. Делфините и фоките се обучуваат и да носат разни алати за нуркачите, но и да детектираат торпеда, мини и друга муниција потоната на длабочини и до 120 метри. Од јавно објавените владини документи се гледа, на пример, дека во 2016-та руското министерство за одбрана купило пет млади делфини од московскиот „Делфинариум“ за околу 21.000 евра.
Сепак, според прилогот на „Звезда“, истражувањето во Мурманск покажало дека делфините и фоките се далеку подобри за обука во арктичка клима отколку белуга китовите. Китовите биле оценети како премногу чувствителни на студот и го немале „високиот професионализам“ на фоките, кои воедно имаат и далеку подобра меморија за помнење на (вербални) команди.
А ако се суди по дружељубивото и не баш притаено однесување на китов во Норвешка, таквите резултати од истражувањето, особено околу немањето на „висок професионализам“, се 100% точни.