На предизборната трибина на СДСМ вчера во Карпош, прва од кампањата за вториот круг на претседателските избори, премиерот Зоран Заев оцени дека гласачите, преку тесната предност на Стево Пендаровски во однос на Гордана Силјановска-Давкова, јасно му ставиле до знаење дека ја има поддршката во однос на насоката во која ја води државата, но и дека има големо незадоволство од централната и локалната власт. Заев порача дека пораката е примена, од него лично, но и од СДСМ, и најави „чистка“ по изборите.
Тој предупреди дека „близината на гласовите“ алудира дека „се враќа режим, се враќа Груевски“, а бидејќи тоа никој не го сака, како што рече вели, дури ни поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ, тој ги повика граѓаните да не ја казнуваат државата заради слабостите на власта.
„Пораката ја испративте, но немојте да ја казнувате државата заради некои наши слабости. Слабости има, но работиме и ќе работиме да ги исправиме. Разбрав, многу наши поддржувачи ми испратија порака: Еј ало, менувај нешто, не ја бива вака…
Отворено зборувам, не да се заканувам некому, пораката ја примивме во првиот круг. Ова јасно им го кажувам на нашите поддржувачи кои решија да останат дома и кои се незадоволни од нас, од некои наши функционери, на локално или централно ниво…
Најавувам дека секако ќе има чистка и секако ќе расчистиме. После изборите ќе се случат промените. Ќе дојдат нови и поучени од грешките на претходниците“ – порача Заев.
Најавата за чистка, освен што можеби инспирираше некои граѓани да гласаат во вториот круг, го инспирираше и актерот Драган Спасов Дац, кој беше присутен на трибината. Како што раскажува тој за САКАМДАКАЖАМ.мк, во моментот кога Заев зборувал за чистката, тој станал и отишол до локалниот маркет за да му купи метла. Нешто подоцна на трибината, Дац и „официјално“ му ја врачи метлата на премиерот Заев (57:30 во видеото).
„Не беше ништо испланиранирано, ни намерно. Во моментот кога премиерот Заев говореше дека е неопходна чистка во партијата, станав и отидов до локалниот маркет и купив метла. Тој прво се збуни, не искоментира ништо и ме праша само: Ова за мене ли е? Одговорив: Да! Затоа што искрено мислам дека на паријата и е неопходна чистка“, раскажува Драган Спасов – Дац (целиот разговор со него ТУКА).
По врачувањето на метлата, Пендаровски му се заблагодари на Дац, па се пошегува: „А сигурен ли си дека една метла ќе биде доволна?“.