Денеска во амбасадата на Еквадор во Лондон е уапсен основачот на „Викиликс“ – Џулијан Асанж. Тој пред 7 години побара и доби азил во амбасадата, со што избегна испорачување во Шведска поради обвиненија за сексуален напад кои во меѓувреме беа отфрлени.
Британската полиција соопшти дека Асанж е приведен затоа што не се одзвал на повиците на судот, пред кој, велат, ќе се појави „што е можно поскоро“.
Претседателот на Еквадор – Ленин Морено, изјави дека на Асанж азилот му е укинат поради сè почесто прекршување на меѓународните конвенции. Од Викиликс, пак, на Твитер тврдат дека со тоа е прекршено меѓународното право.
Британскиот министер за полиција – Саџид Џавид на Твитер ја потврди информацијата: „Можам да потврдам дека Џулијан Асанж е во полициски притвор. Сакам да му се заблагодарам на Еквадор за соработката и на полицијата за професионалноста. Никој не е над законот“.
Како што наведоа од „Скотланд Јард“, полицијата во амбасадата ја повикал еквадорскиот амбасадор, откако Еквадор му го укинал азилот на 47-годишниот Асанж. Според британскиот министер за надворешни работи – Алан Данкан, до апсењето дошло по „опсежен дијалог меѓу двете земји“.
Асанж досега одбиваше да ја напушти амбасадата на Еквадор, со образложение дека ќе биде испорачан во САД поради Викиликс. До апсењето дојде само еден ден откако Викиликс соопшти дека Асанж го шпионираат во амбасадата на Еквадор.
Асанж имаше повеќекратни судири со еквадорските власти околу тоа што му е дозволено и што не му е дозволено да прави во нивната амбасада. Според дописникот на BBC – Џејмс Ленделј, во текот на годините му бил укинат интернетот и го обвинувале за учество во политички активности – што не е дозволено ако барате азил. „Што точно се случило во амбасадата не е јасно – имаше обвинувања и контраобвинувања“, вели Лендејл.
Асанж прво ќе биде изведен пред британските судови, но потоа би можел да биде и испорачан во САД поради документите објавени на Викиликс, додава новинарот.
Краток тајмлајн на случувањата во сагата на Асанж можете да најдете на BBC.
При апсењето, Асанж постојано повторуваше „Британија мора да се побуни!“.