Бугарија и Северна Македонија постигнале согласност за чествувањето на светите браќа Кирил и Методиј, изјавил за бугарската агенција БГНЕС проф. Ангел Димитров – претседател на бугарската страна во Заедничката македонско-бугарска комисија која расправа по историските прашања согласно Договорот за добрососедство со Бугарија. Како што соопштил Димитров, постигната била согласност околу улогата на бугарската држава во контекст на делото на светите солунски браќа, конкретно околу зачувувањето и развојот на тоа што тие го создале заедно со своите ученици.
Според претседателот на македонската страна во комисијата – проф. Драги Ѓоргиев, за само неколку месеци е постигнат сериозен напредок и на многу од конфликтите меѓу двете историографии во последните 60-70 години, кои според него произлегуваат главно од стереотипи, се погледнало „од поинаков аспект“. Како што вели тој, идните генерации ќе можат да гледаат на заедничките историски личности како на дел од заедничката цивилизација, а не да бидат делени на „вакви или такви“. Тој истакнува дека целта на комисијата не е пораз или победа на една од страните.
Според Ангел Димитров, успехот ќе биде постигнат кога „на воздржан начин ќе се каже историската вистина“. Тој признава дека има спротивности поради 70 години долгите различни интерпретации, но е убеден дека и по најделикатните прашања комисијата ќе одговори на „најдобриот начин“, за двете општества. Тој порачува дека не сака Северна Македонија засекогаш да биде дел од Западниот Балкан и затоа, вели, прават сè што е возможно за да ги поддржат евроатлантските стремежи на Македонија.