Во Венецуела е толку лошо што ги пљачкосуваат и гробовите

Во најголемите гробишта во Каракас – Cementerio del Sur, најголемиот дел од гробовите се опљачкани и зјаат отворени, пренесува BBC. Се крадат накит, златни заби, па и самите коски на покојните. Овие последниве ги купуваат разни култови за потребите за своите ритуали.

Некои од блиските на покојните веќе редовно ги посетуваат гробовите за да ги чуваат од ограбувачи. Таков е Еладија Бастида, чија сопруга починала пред една и пол година.

За него целата оваа ситуација е само метафора за дното до кое е пропадната Венецуела. Претурените гробови можат да се видат насекаде наоколу, раскажува Бастида:

„Кога ја погребав, можевте слободно да прошетате до овде. Но во последно време одвај можете да стигнете до нејзиниот гроб, бидејќи речиси секој гроб е отворен и од него се изнесени остатоците и земјата“, вели тој.

Пљачкањето е станато толку честа појава што и погребалните работници и персоналот на гробиштата креваат раце и велат дека не можат тоа да го спречат. Се пљачкаат и гробовите на историските личности; на пример, гробот на Рамуло Галегос – венецуелски претседател и автор од првата половина на 20-от век.

„Ова е земја на беззаконие. Овде ништо не се почитува. Но Бог ќе ги казни луѓето што го прават ова“, вели Бастида.

Некои семејства на покојните се обидуваат со лукавост да ги одвратат крадците, па на дел од „преживеаните“ гробови поставуваат разни ознаки што порачуваат „веќе опљачкано“. Истото го прават и дел од роднините при обновата на веќе ограбените, за да ги одвратат новите крадци повторно да ги вандализираат и повторно да ги вознемират нивните покојни.

Хорхе Лискано е уште еден вдовец кој има зошто да биде загрижен. Тој размислува да ги ексхумира останките на својата сопруга и можеби да ги кремира, пред некој да ги украде.

„Ова е резултат на општествениот колапс, недостатокот од образование, губењето на вредностите во нашите домови и нашите институции. Последниве години нашата земја се фокусираше исклучиво на политика. Заборавивме на нештата кои нè прават луѓе“, вели Лискано.

- Реклама -