„Единствена Македонија“ обвинува: Заев и Ахмети веќе го договориле фалсификувањето на пописот

„Ја информираме јавноста дека Зоран Заев и Али Ахмети веќе договориле фалсификување на пописот во 2020 година за лажно прикажување на Албанците, со цел, да се задоволи потребата на рамковниот договор, кој предвидува македонските Албанци да ги добијат правата само ако учествуваат со над 20 отсто од населението иако албанското малцинство во државата е околу 14 отсто од населението.

Во денешната изјава вицепремиерот Бујар Османи најави дека пописниот фалсификат ќе се изведе на начин што ќе се попишуваат како жители и Албанците кои не живеат и со години не влегле во Македонија само врз основа на изјава на некој член од семејството иако стандарден европски модел е да се регистрираат сите кои барем во последните 12 месеци влегле во Македонија.

Единствена Македонија нема да прифати уште еден фалсификуван попис во 2020, тоа не им го прифаќа и македонскиот народ!

Единствена Македонија, исто како и македонскиот народ, секој обид за фалисификување на пописот ќе го смета за авантура и велепредавство спрема Републиката“, велат од партијата на Јанко Бачев.

Директорот на Државниот завод за статистика – Апостол Симовски, уверува дека нема простор и опасност за злоупотреби на пописот. Дијаспората ќе се попишува преку посебна апликација преку која лицето ќе ги внесува своите податоци на веб страната на заводот. Вториот начин ќе биде податоци за лицето да дадат блиски членови од семејството или домаќинството, а со крајна цел – да се добие конкретна бројка за тоа колку лица се иселиле од земјата.

„Во однос на стравувањата дека ќе има какви било злоупотреби во овој дел, нека не се плаши никој со оглед на тоа што во овој попис ќе се користи т.н. комбиниран метод. Сè ќе се проверува, а ќе користиме и регистри. Сè ќе се провери и нема да може да се протне никој што не е единица за попис“, смирува Симовски.

Се работи за комбиниран модел кој е и стандарден европски модел, вели вицепремиерот Бујар Османи.

„Во 2011-та, јаболко на кавга беше регистрирањето на оние кои не живеат овде кај нас. Ако ви текнува, во тоа време, решението беше да се регистрираат сите кои барем во последните дванаесет месеци влегле во Македонија. Сега ги надминавме сите овие дилеми. Ќе се регистрира секој државјанин на Северна Македонија, независно дали живее овде или живее во странство, со тоа што доволно ќе биде еден од членовите на неговото семејството, на членот на комисијата, ќе му го приложи матичниот број на лицето кое во моментот не е во Северна Македонија, и тој ќе го провери во електронската база на податоци, и на овој начин ќе се регистрира лицето без разлика дали живее овде или не“, вели Османи.

- Реклама -