Санкции за припадничка на АРМ поради Фејсбук пост за напаѓачот на џамиите во Нов Зеланд

Остри реакции во медиумите и јавноста, но и во Генералштабот на АРМ, предизвика Фејсбук објавата на припадничката на артилериската единица на АРМ – Татјана Лазаровска.

„Нобелова награда за храброст да му се даде на ‘напаѓачот’, човекот во Нов Зеланд. Браво, бравоо”, пишува таа на Фејсбук за Брентон Тарант, напаѓачот кој го изврши масакрот во двете џамии во Крајстчрч, Нов Зеланд, во кој ладнокрвно уби 50 луѓе додека тоа го пренесуваше во живо на Фејсбук.

Од Генералштабот потврдуваат дека Лазаровска е нивна припадничка, го осудуваат ширењето на говор на омраза и најавуваат санкции.

 

„По сознанието од наша страна, согласно законските регулативи и надлежности почната е постапка за утврдување на одговорност и за преземање соодветни дисциплински мерки. Генералштабот најостро го осудува секој облик на изразување на каков било вид на нетрпеливост, дискриминирачко однесување или поддршка на истите од кого било. Од Генералштабот е наложено до потчинетите команди и единици секогаш да се преземат соодветни мерки за спречување и најостро санкционирање во рамки на законските надлежности на било кој непримерен облик на однесување и нарушување на угледот на Армијата од страна на своите припадници“, велат од АРМ за „Либертас“.

Ова не ѝ е прв испад на Лазаровска, објави денеска „ЦИВИЛ“. Таа и порано била укорувана од старешините во АРМ поради своето однесување и испади на друштвените мрежи. На пример, во повеќе наврати објавувала говор на омраза насочен кон отец Пимен и албанската етничка заедница.

Од „ЦИВИЛ“ во неколку наврати го осудија однесувањето на Лазаровска како сериозен чин кој треба така да биде сфатен и од надлежните, пред сè Владата и ресорното министерство. Бараат од „изјавички“ на АРМ да се помине кон конкретни санкции.

- Реклама -