Операција „спасување на плишано мече“: Аутистично дете повикало полиција, полицијата излегла во пресрет

Полицијата во Њу Џерси добила повик од момче со аутизам, кое се јавило на линијата за итни случаи за да пријави исчезнување на неговата омилена играчка – плишаното мече. Повикот веднаш бил пренасочен кон полицаецот Кари Манзини, кој е специјално обучен за постапување во случаи со деца со посебни потреби. Кога 12-годишниот Рајан Пол му објаснил што е проблемот, Манзини знаел точно што треба да направи.

Кога полицаецот се појавил на вратата на семејството, таткото бил запрепастен што неговиот син повикал полиција. Го прашал: „Навистина ли се јави на бројот 911?“, на што синчето му одговорило само: „Спасување на Фреди“ (така се вика плишаното мече).

Манзини ја започнал потрагата во собата на малиот Рајан, па набрзо Фреди бил пронајден. „Го најдовме мечето, сè е во ред. Сега е во безбедни раце, неповредено, ништо лошо се нема случено“, уверува полицаецот. Како награда за добро завршената работа и благодарност што му го спасил мечето,аутистичното момче цврсто го гушнало полицаецот пред тој да замине.

Таткото на Рајан вели дека е горд што неговиот син знаел дека во итни случаи треба да се јави на соодветниот број за итни ситуации. Од друга страна, по малку е навреден што неговиот син прво не побарал помош од него, особено што тој работи како пожарникар.

- Реклама -