Седум од десет риби во Јадранот содржат пластика

Во Европа секоја година се фрлаат околу 25 милиони тони пластика која завршува во животната средина. Исклучок не е ни Јадранското море.

Неделава во Најроби, Кенија, се одржува Климатска конференција на Обединетите нации. Една од темите е и „пластичната криза“. Според зборовите на Славен Добровиќ – поранешен хрватски министер за заштита на животната средина, пластична криза дефинитивно има и на Јадранот, пренесува хрватскиот „Пословни дневник“.

Според него, сите мориња на светот се полни со пластика и притоа се работи за материјал со исклучителни својства. Добровиќ смета дека фрлањето пластика во природата е рамно на злочин.

„Пластиката не се разградува и никогаш не станува дел од кружењето во природата, туку се фрагментира и ни се враќа во чинијата, со оглед дека голем процент од морските плодови во Јадранот содржат пластика во својот организам“, вели тој.

Според истражувањата, 7 од 10 риби во Јадранот во себе имаат пластика. Добровиќ вели и дека јасно се гледа интеракцијата со пластиката која се натрупува како отпад и не се разградува. Таа, вели, се акумулира и е присутна во водата, во природата, во морето…

- Реклама -