Home 365 Денес Димитров ја објасни изјавата за „немање ништо заедничко“ на македонскиот јазик во РСМ и македонскиот во Грција

Димитров ја објасни изјавата за „немање ништо заедничко“ на македонскиот јазик во РСМ и македонскиот во Грција

0
Димитров ја објасни изјавата за „немање ништо заедничко“ на македонскиот јазик во РСМ и македонскиот во Грција

Министерот за надворешни работи – Никола Димитров, се огласи по повод „спорната“ изјава што ја даде при потпишувањето на Спогодбата за отворање на граничниот премин во месноста Маркова нога со грчката колешка Сиа Анагностопулу. Како што изјави Анагностопулу за грчката новинска агенција АНА-МПА, Димитров „појаснил дека македонскиот јазик е зборуван од граѓаните на Република Северна Македонија и дијаспората и дека истиот нема ништо со било кој јазик зборуван од грчките Македонци“.

Во својата реакција на Фејсбук, Димитров истакнува дека важен е контекстот.

„Контекст!

Суштината на договорот од Преспа – во секој случај еден од главните столбови – е прифаќање на различното разбирање на термините Македонија и македонски, кои за нас значат едно, а за Грција друго.

Ние сме етнички Македонци, припадници на македонскиот народ, со сопствена историја, култура, и наследство. Ние зборуваме македонски јазик, што е еден од јужнословенските јазици.

Грчките Македонци, во грчкиот контекст и разбирање на овие поими, се етнички Грци од грчкиот регион Македонија, кои зборуваат грчки јазик, со посебен однос кон хеленската цивилизација, историја, култура и наследството.

Тоа е контекстот на мојата изјава при потпишувањето на Спогодбата за отворање на граничниот премин во месноста Маркова нога, на македонски јазик, на грчки јазик и на англиски јазик, која меѓу другото завршува со повикување на членот 7“, наведува Димитров, по што ја цитира својата изјава, а потоа и членот 7 од Преспанскиот договор:

„Имаме повторно еден историски договор, би рекол, после историскиот успех од Преспа, бидејќи за прв пат Договорот се применува, како и името и терминологиите договорени во Преспа. Задоволство ми е што овој Договор за отворање на граничниот премин кај Маркова Нога во регионот на Преспа го потпишавме на три јазици: на грчки јазик, на македонски јазик и на англиски јазик. Македонски јазик што е важен за нас, што го зборуваат граѓаните на Република Северна Македонија и нашата дијаспора, и што не се однесува на грчките Македонци во контекст на членот 7.“

Член 7

1. Страните прифаќаат дека нивното односно разбирање на термините „Македонија“ и „македонски“ се однесува на различен историски контекст и културно наследство.
2. Во однос на Првата страна, овие термини ја означуваат не само областа и народот во северниот регион на Првата страна, туку и нивните одлики, како и елинската цивилизација, историја, култура и наследството на тој регион од антиката до денешен ден.
3. Во однос на Втората страна, овие термини ја означуваат нејзината територија, јазик, народ и нивните одлики, со нивната сопствена историја, култура, и наследство кои се особено различни од оние кои се наведени во член 7, став (2).
4. Втората страна изјавува дека нејзиниот официјален јазик, македонскиот јазик, спаѓа во групата на јужнословенски јазици. Двете Страни изјавуваат дека официјалниот јазик и останатите одлики на Втората страна не се поврзани со античката елинска цивилизација, историја, култура и наследство од северниот регион на Првата страна.
5. Ниту една одредба од оваа Спогодба нема цел на кој било начин да ја поткопа, измени или да влијае на употребата од страна на граѓаните на двете Страни.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here