Иванов одбива да ги потпише законите означени со „Северна Македонија“

Претседателот Ѓорге Иванов не ги потпишал указите за законите донесени од Собранието под новото име на државата – Република Северна Македонија. Од Собранието ја потврдуваат информацијата, пренесуваат медиумите.

Првично се работело за четири вратени непотпишани закони, но и потоа претседателот продолжил со истата пракса, пренесува „Слободен печат“.

Засега нема коментар од кабинетот на Иванов, а ниту реакција од кабинетот на претседателот на Собранието – Талат Џафери. Единствено е извесно дека според процедурата, овие закони ќе се гласаат по вторпат, што значи дека ќе има одреден застој во нивното донесување.

За потсетување, и покрај тоа што беа изгласани по вторпат и Иванов беше должен да ги потпише, тој тоа не го направи и со Преспанскиот договор и Законот за јазици. Сепак, тие беа објавени во „Службен весник“ само со потписот на Талат Џафери и со дообјаснување во фуснота.

Како што потсетува „Вечер“, засега сè уште сите официјални документи, печати и материјали во кабинетот на Иванов сè уште го носат името „Република Македонија“. Неговиот кабинет засега не ја почитува ниту одлуката за промена на имињата на институциите. Дури и указите за поставување на нови високи воени старешини, иако беа објавени во Службен весник на Република Северна Македонија, беа потпишани од „Претседател на Република Македонија“.

Се очекува претседателот Иванов и неговиот кабинет да ја продолжат истата пракса сè до истекување на неговиот мандат.

 

- Реклама -