Четири дена работа во неделата, платата иста, бизнисот цвета

Пред околу една година, новозеландскиот бизнисмен Ендрју Барнс и неговата компанија Perpetual Guardian зачекориле во авантура за која сè повеќе се размислува, но и се имплементира во глобални рамки – четиридневна работна недела.

Компанијата, која се бави со управување со недвижнини, а има 240 вработени, остварила одличен резултат со воведувањето на промената: ефикасноста на работењето (т.е. на вработените) се зголемила за 20%, а во споредба со 54% од нив претходно, по имплементирање на четиридневната работна недела дури 78% од вработените оцениле дека се чувствуваат поспособни да ги контролираат работните обврски. Притоа, приходите на компанијата останале стабилни, а згора на тоа имало и намалени трошоци и заштеда на енергија.

Идејата за четиридневната работна недела не е нова. Но, за разлика од повеќето други експерименти со истата, случајот на Ендрју Барнс и Perpetual Guardian е поинаков затоа што тој не ја намалил платата, ниту пак го продолжил работното време во четирите работни дена за да го надомести петокот. Дополнително, тој не им наложил било каква „формула за попродуктивна работа“ на вработените, туку им дал слобода самите да ја организираат работата на начин што ќе биде еднакво ефикасен. Со други зборови, тој не им наметнал решенија, туку решенијата ги побарал од своите вработени. Притоа, Барнс не инсистирал на тоа дека сите мораат да работат со исто темпо и по скратено време. Оние на кои забрзаното темпо на работа им било стресно, ја имале слободата да останат на работна недела од пет дена, постојано или привремено, онака како што ним им одговара. Исто така, имале и слобода дел од нив да доаѓаат порано или подоцна на работа, со цел да ги избегнат сообраќајните метежи и/ли да завршат свои приватни обврски, како на пример да ги однесат или земат децата од градинка/училиште.

Барнс им ја дал слободата, а вработените, очигледно, испорачале. Нивниот пример е доказ дека простор за маневри со работното време има, а сето тоа во прилог на повеќе приватен живот и посреќни вработени, што пак позитивно се одразува и на бизнисот.

- Реклама -